Новото издание на емисијата „360 степени”, во кое гостуваат Тони Поповски, Ана Крстиновска и Димитар Николовски, се емитува вечерва (12 октомври 2026 г.) од 20:30 часот на МРТ 1
Што реално менува за Македонија новиот предлог на Европската комисија за проширувањето и може ли да го направи патот кон членство попредвидлив? Во ова издание на „360 степени“ на МРТ 1 дебатираме со Тони Поповски (политички аналитичар и ексминистер), Ана Крстиновска (претседателка на ЕСТИМА и ексдржавна секретарка за европски прашања) и Димитар Николовски (извршен директор на „Евротинк“) за можноста да се ограничи употребата на ветото во пристапните преговори, но и за неизвесноста дали и во каква форма земјите членки ќе ги прифатат предложените промени. Разговараме зошто Македонија не е меѓу четирите држави за кои се најавени патокази и што треба да направи за да го придвижи својот пристапен процес. Ја отвораме и темата за постепената интеграција – какви придобивки може да донесе за граѓаните пред членството и дали постои ризик земјава да остане во „комфорна зона“ без поттик за натамошно напредување. Во вториот дел од дебатата ги анализираме односите меѓу Скопје и Софија по средбата на министрите Муцунски и Петрова-Чамова. Може ли и како да се обнови изгубената доверба, што треба да биде на агендата на следните разговори и каква улога може да има Европската комисија? Посебно внимание посветуваме на прашањето дали несогласувањата во историската комисија би воделе до ново вето и какви конкретни гаранции треба да бара Македонија. Дебатираме и дали двете држави можат да најдат начин да управуваат со разликите за историјата и други прашања без тие да стануваат нови пречки на европскиот пат.
Емисијата се емитува од 20:30 часот на МРТ 1.
