„Според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи, за 13 октомври е прогнозирана средна надворешна температура од 12 Целзиусови степени, со што се исполнети условите за производство, испорака и снабдување со топлинска енергија, согласно одлуката на РКЕ“, информираа денеска од ЕСМ
Два дена пред официјалниот почеток на грејната сезона, односно утре, корисниците приклучени на системите за греење со кои управува ЕСМ, ќе добијат парно греење. Причината, велат од ЕСМ, е најавената средна надворешна температура од 12 Целзиусови степени, со што се исполнуваат условите за испорака на топлинска енергија.

„Според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи, за 13 октомври е прогнозирана средна надворешна температура од 12 Целзиусови степени, со што се исполнети условите за производство, испорака и снабдување со топлинска енергија, согласно одлуката на Регулаторната комисија за енергетика. До 15 октомври, на веб-страницата на ‘ЕСМ снабдување’ секојдневно ќе се објавуваат информации за тоа дали се исполнети условите за испорака на топлинска енергија за наредниот ден“,
информираа денеска од АД ЕСМ.
Согласно правилата, посочуваат оттаму, во октомври и првата половина од ноември, кога временските услови често се менуваат, снабдувањето со топлинска енергија ќе зависи од температурите, односно кога температурите се пониски, испораката на топлинска енергија се зголемува, а кога се повисоки, се намалува.
ЕСМ ги повикува корисниците да ги подготват внатрешните грејни инсталации, а заедниците на сопственици да обезбедат пристап до топлинските потстаници, редовно напојување со електрична енергија и функционални инсталации, со подмирени сметки за електрична енергија.
