Внатрешната контрола на МВР покажала низа неправилности во постапувањето на шестмина полицајци

Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека против шестмина полицајци ќе поведе дисциплинска постапка и тие ќе бидат суспендирани од работа – по пријавата за малтретирање на двете момчиња од Сарај.
Од ресорното министерство велат дека извршиле проверки и утврдиле низа неправилности во постапувањето на полициските службеници.
„Од извршените проверки, обезбедените снимки од настанот и обезбедените изјави на лица сведоци на настанот, утврдени се низа неправилности при постапувањето на полициските службеници за што од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР против шест полициски службеници ќе биде поведена постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе бидат изречени мерки за отстранување од работно место-суспензија“,
соопшти МВР.
Оттаму велат дека и во однос на пријавите поднесени во Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и Секторот за внатрешни работи Скопје од страна на надлежните обвинителства се издаваат наредби за вештачење по кои се постапува.
„По документирање на целокупниот доказен материјал ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“,
се вели во соопштението.
Случајот во кој се тврди дека имало полициско малтретирање во јавноста неделава го обелоденија од ДУИ, кои објавија и фотографии од момчињата, со тврдење дека биле брутално нападнати и малтретирани од страна на полициските службеници.
По ваквите наводи, МВР објави дека внатрешната контрола започнала да го истражува случајот.

Интегративците пред два дена објавија и видео на кое тврдат дека е прикажано бруталното полициско насилство при интервенција што се случила во средата. Оддалеку е снимено како пред паркиран автомобил неколку лица со клоци и тупаници физички напаѓаат други лица. Снимката е без заднински звук, а на неа, низ маглата може да се забележат и полициски ротациски светла.
Од владејачката партија Влен пак, вчера посочија дека со внимателност го следат случајот и повикаа настанот да не се користи за разгорување на меѓуетнички тензии. Од Влен кажаа дека, според нивните информации, полициските службеници за кои постојат сомневања дека биле инволвирани во случајот, припаѓаат на три различни етнички заедници.
