Соопштението на македонската амбасада во Абу Даби доаѓа по нападот врз аеродромот „Крал Калид“ во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад, во кој, според тамошните власти, најмалку 12 лица се убиени, а повеќе од 300 се повредени
„Ве молиме строго да ги почитувате официјалните упатства од Дирекцијата за цивилна заштита (Saudi Civil Defence) и Министерството за внатрешни работи на Кралството Саудиска Арабија, поради серијата ракетни напади и напади со беспилотни летала“, се наведува во соопштението на Амбасадата
За итни потреби и конзуларна помош, македонските државјани можат да ја контактираат Амбасадата во Абу Даби на мобилниот телефонски број +971 56 441 7532
Македонската амбасада во Абу Даби упати итно безбедносно предупредување до нашите државјани кои се наоѓаат во Саудиска Арабија, особено во Ријад, по серијата ракетни и напади со беспилотни летала, од кои најсмротносниот се случи вчера врз меѓународниот аеродром во градот, во кој загинаа најмалку 12 лица, а повеќе од 300 се повредени.

Од Амбасадата ги повикуваат македонските државјани кои престојуваат таму да ги следат безбедносните протоколи на локалните власти и да бидат максимално внимателни.
„Ве молиме строго да ги почитувате официјалните упатства од Дирекцијата за цивилна заштита (Saudi Civil Defence) и Министерството за внатрешни работи на Кралството Саудиска Арабија, поради серијата ракетни напади и напади со беспилотни летала“,
се вели во соопштението на Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби (Обединетите Арапски Емирати).
Клучни безбедносни препораки
Од Амбасада ги потенцираат клучните безбедносни препораки што треба да ги следат македонските државјани што се таму, односно:
- Итна заштита: Штом се активира безбедносна вонредна тревога или сирена, веднаш влезете во затворен простор (куќа/објект) и останете подалеку од прозорци и стакла;
- Забранети зони: Избегнувајте јавни собири, воени објекти и пограничниот појас со Јемен;
- Дигитална безбедност: Чувајте ги телефоните полни и погрижете се уредите да бидат чисти од какви било контроверзни содржини;
- Строга забрана за снимање: Според законите во Кралството Саудиска Арабија, строго е забрането фотографирање, снимање или споделување видеа од нападите. Локалните власти строго казнуваат за вакви објави на социјалните мрежи;
- Сомнителни предмети: Секакви сомнителни објекти или паднати остатоци веднаш пријавете ги преку саудиската апликација Tawakkalna.
Што се однесува до авиосообраќајот, од Амбасадата велат дека тој е во фаза на повторно воспоставување, но предупредуваат оти се можни чести вонредни одложувања.
„Генералната управа за цивилно воздухопловство (GACA) препорачува задолжително да ја контактирате вашата авиокомпанија за статусот на летот пред воопшто да тргнете кон меѓународниот аеродром ‘Крал Калид’ во Ријад. Редовните летови сè уште функционираат со повремени откажувања и може да се користат за евакуација“, велат од Амбасадата.
Контакт за итни случаи
За итни потреби и конзуларна помош, македонските државјани можат да ја контактираат Амбасадата во Абу Даби на мобилниот телефонски број +971 56 441 7532.
Предупредувањето на македонската амбасада во Абу Даби доаѓа по нападот врз аеродромот „Крал Калид“ во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад, во кој, според тамошните власти, најмалку 12 лица се убиени, а повеќе од 300 се повредени.
Станува збор за трет и досега најсмртоносен напад врз аеродромот во Ријад оваа недела, откако во претходните два беа убиени четири лица.
Смртниот биланс од нападот, според пишувањето на светските медиуми, е можно да се зголеми, бидејќи меѓу ранетите, кои со амбулантни возила и хеликоптер биле однесени во болниците во градот, има лица кои се во критична состојба.
Одговорноста за нападот ја презедоа јеменските хути, кои денеска преку социјалните мрежи упатија предупредување до авиокомпаниите, патниците и аеродромските работници да го избегнуваат саудискиот воздушен простор, прогласувајќи го за зона на воени операции на нивните сили.
Осуда на нападите од македонската Амбасада во Абу Даби
Од македонската амбасада во Абу Даби остро ги осудија нападите на хутите врз Меѓународниот аеродром „Крал Калид“ во Ријад и врз аеродромот во Абха, претходно неделава. Оттаму, во објава на социјалните мрежи, наведуваат дека станува збор за трагичен и неприфатлив чин со бројни цивилни жртви и повредени лица. Ситуацијата, велат од Амбасадата, станал уште позагрижувачка откако остатоци од ракети оштетиле и градинка и медицински комплекс во Ријад.
„Напаѓањето цивили и цивилна инфраструктура претставува тешко кршење на меѓународните норми и на хуманитарното право. Северна Македонија изразува целосна солидарност со Саудиска Арабија и нејзиниот народ. Упатуваме длабоко сочувство до семејствата на жртвите. Нашите мисли и молитви се со сите нив“,
се вели во објавата на Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби.
