„Дај Боже да дојде до деескалација и смирување на состојбата, за да можеме да ја прекинеме кризната состојба. Но кризната состојба ќе ја продолжиме за уште шест месеци, мислам до април“, изјави денеска премиерот
Инаку, кризната состојба која сега е во сила истекува на 21 октомври. Зелено светло за нејзино продолжување треба да даде Собранието, кое претходно во два наврати го стори тоа, откако беше воведена по случувањата на Блискиот Исток
Кризната состојба за нафта и нафтени деривати ќе биде продолжена за уште шест месеци, односно до април следната година, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.

Сепак, како што додаде тој, постојат најави за можно смирување на состојбата околу снабдувањето со нафта и нафтени деривати на меѓународните пазари, што доколку се случи, кризната состојба во земјава ќе биде укината.
„Дај Боже да дојде до деескалација и смирување на состојбата, за да можеме да ја прекинеме кризната состојба. Но кризната состојба ќе ја продолжиме за уште шест месеци, мислам до април“,
рече Мицкоски.
Инаку, кризната состојба која сега е во сила истекува на 21 октомври. Зелено светло за нејзино продолжување треба да даде Собранието, кое претходно во два наврати го стори тоа, откако беше воведена по случувањата на Блискиот Исток, кои доведоа до блокада на снабдувањето на меѓународните пазари со нафта и нафтени деривати. Претходно кризната состојба беше продолжена до 21 јули, а потоа и до 20 октомври.
Продолжувањето на кризната состојба ѝ овозможува на Владата координирано да управува со состојбата и со примената на мерки за обезбедување сигурно снабдување со енергенси.
Вчера министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска соопшти дека до 20 октомври се продолжува мерката за намалување на ДДВ за дизелот од 18 на 10 отсто. Според владината одлука, мерката се продолжува за дополнителни осум дена, имајќи предвид дека последното продолжување беше предвидено до 12 октомври.
„Со оваа мерка влијаеме врз малопродажните цени на горивата и ги ублажуваме надворешните ценовни притисоци, со цел да го намалиме финансискиот товар врз граѓаните и стопанството. Продолжуваме внимателно да ги следиме состојбите на меѓународните пазари и навремено да реагираме со мерки што придонесуваат за заштита на животниот стандард и економската министерка“,
наведе министерката за финансии во објава на Фејсбук.
Претходно владата донесе одлука и за намалување на акцизата за бензините и за дизел-горивото.

Сепак, цената на суровата нафта, како што пренесуваат медиумите, повторно бележи раст, откако вчера тргувањето на берзите заврши со цена од 104 долари за барел, за разлика од минатиот петок кога беше 102,2 долари за барел.
Инаку, токму мерките за намалување на акцизата и ДДВ кај горивата, Владата го наведе како причина за новиот предлог-ребаланс на Буџетот, што извршната власт го усвои на 7 октомври.
Со измените е извршено приспособување на приходната и расходната страна, при што вкупните приходи се проектираат на ниво од 374,2 милијарди денари, додека расходите се проектираат на 420,5 милијарди денари. Буџетскиот дефицит, информираат од Владата, се задржува на непроменето ниво од 4,1 отсто од БДП.
Од Владата рекоа дека целта на ребалансот е да се одржи стабилноста на јавните финансии, да се обезбеди непречено и редовно функционирање на институциите, реализација на предвидените програми и навремено сервисирање на сите обврски.
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), пак, обвини дека лошото менаџирање на економијата, а не намалувањето на акцизите и ДДВ за горивата е причина за ребалансот, втор оваа година.
Лидерот на социјалдемократите, Венко Филипче, оцени дека и покрај намалувањето на ДДВ и акцизата, вкупната цена на горивата во изминатиот период пораснала за повеќе од 50 отсто, што според него значи дека приливите во Буџетот од ДДВ и акцизи не би требало да бидат намалени, туку би требало да останат најмалку на исто ниво.
