Во заедничката изјава, министрите за култура на трите земји изразија уверување дека заедничкиот напор за заштита и признавање на Преспа може да бидe суштински пример за конструктивна регионална соработка и за улогата што споделеното културно и природно наследство може да ја игра како мост меѓу соседните земји и народи
Министрите за култура на Северна Македонија, Седат Сулејмани, на Грција, Лина Мендони, и на Албанија, Бленди Гоција, денеска потпишаа изјава за заедничка подготовка на номинацијата на прекуграничниот Преспански Регион за списокот на светското наследство на УНЕСКО. Трилатералната средба се одржа во грчката општина Преспа.

Сулејмани порача дека регионот на Преспа отсекогаш бил природна и историска целина што ги поврзува трите земји, а оттаму и заедничката одговорност за негово зачувување преку континуирана соработка.
„За мене, значењето на оваа заложба е во долгорочното и одржливо управување со Преспа, со конкретни придобивки за локалните заедници. Со обединување на нашите знаења, искуства и добра волја, можеме да изградиме трајна соработка што го штити наследството и создава можности за развој на регионот“,
изјави министерот Седат Сулејмани.
Во заедничката изјава, тројцата министри заклучуваат дека Преспанскиот Регион претставува уникатен, природен и културен пејзаж од исклучителна вредност и меѓусебно поврзана целина. Изразија уверување дека заедничкиот напор за заштита и признавање на Преспа може да биде суштински пример за конструктивна регионална соработка и за улогата што споделеното културно и природно наследство може да ја игра како мост меѓу соседните земји и народи.
Покрај ресорните министри на трите држави, на средбата присуствуваше и евроамбасадорот во земјава Михалис Рокас, раководителот на канцеларијата на УНЕСКО во Сараево, Синиша Шешум, постојаната координаторка на ОН во Македонија, Рита Колумбија, како и претставници на институциите и локалните самоуправи од трите земји.
„Европската Унија одлучи, покрај политичката поддршка, да ги финансира првите релевантни студии за поднесување на кандидатурата, кои се очекува да бидат завршени најдоцна во рок од една година. Европската Унија ги поддржува заедничките напори на трите соседни земји за заштита и истакнување на еколошките и културните богатства што ги поседуваат во регионот на Преспа“,
изјави амбасадорот на ЕУ во Македонија.
