Почнувајќи од овој продолжен викенд, вклучувајќи го и претстојниот празник, а потоа и во наредните викенди, ПЕТ-центарот ќе биде отворен за пациентите да не чекаат долго време за снимање
Универзитетскиот институт за позитронско-емисиона томографија – ПЕТ-центар ќе работи и за викенди и празници со цел да се намалат листите на чекање за пациентите, информираат од Министерството за здравство.

Почнувајќи од овој продолжен викенд, вклучувајќи го и претстојниот празник, а потоа и во наредните викенди, ПЕТ-центарот ќе биде отворен за да пациентите не чекаат долго време за снимање.
Оваа реорганизација, како што велат од Здравство, се спроведува за да се намалат листите на чекање.
„Очекуваме да продолжи трендот што го воспоставивме во изминатите две години, кога двојно ги зголемивме термините“,
се вели во соопштението од Министерството.
Директорката на ПЕТ-центарот, д-р Невена Маневска, им упати посебна благодарност на здравствените работници и соработници, чиј труд и залагање, како што рече, го прават ова можно.
Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) вчера обвинија за сериозни проблеми во здравствениот систем во земјава, посочувајќи на неисправна медицинска опрема, недостиг на лекови и долги чекања за прегледи и дијагностика.
Оттаму алармираа дека три недели не работи ниту еден компјутерски томограф во Клиничкиот центар, како и дека повторно е расипан ПЕТ-скенот, неопходен за онколошките пациенти.
