Ја повика министерката за образование Весна Јаневска итно да изврши надзор и да поведе постапка за утврдување одговорност и разрешување на инволвираните во случајот
Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) денеска изнесоа наводи дека директорката на Регионалниот центар за стручно образование и обука „Ѓорѓи Наумов“ од Битола, Жанета Сервини, и помошник-директорот Љупчо Здравковски се коцкале на слот-машини во казино во Монте Карло за време на ученичка екскурзија.
За тоа време, како што посочи, малолетните ученици ги чекале во холот.

Претседателот на Комисијата за образование и наука на СДСМ, Јованче Манасков, на денешната прес-конференција изјави дека партијата поседува фотографии и видеа од настанот, кои, како што додаде, им биле доставени од свиркачи.
„Деца од училиште однесени во казино во Монте Карло! За директорката и помошникот-директор да се коцкаат. Да, добро ме слушнавте. Имаме и видеа и фотографии. Едното видео коешто ќе го објавиме е со заматени ликови поради тоа што има малолетни деца. Но, свиркачи ни го доставија и го имаме и оригиналното. Брука! Казино-образование на Јаневска и ВМРО“,
рече тој.
Ја повика министерката за образование Весна Јаневска итно да изврши надзор и да поведе постапка за утврдување одговорност и разрешување на инволвираните во случајот.
„Наместо да се грижат за безбедноста и едукацијата на учениците и да бидат пример за младите, раководители на училиште се коцкаат во казино. И децата ги носат во казино. Каква едукација им дале првите луѓе на училиштето – како се вртат слот-машини? На што ги учат децата ВМРО-ОКГ и нивните кадри? Да се коцкаат. Ова е неморален случај и затоа бараме одговорност од прв до последен“,
кажа Манасков.
Според него, одговорноста во образованието не е привилегија, туку обврска.

Од партијата до медиумите доставија и две фотографии, за кои тврдат дека се направени за време на настанот кога учениците биле на екскурзија во Монте Карло.

