„Филипче периодов молчи и за пренесувањето на таканаречените мошти на цар Самуил во Бугарија. Молчи затоа што со неговиот ментор Заев преку историската комисија се откажаа од него уште во првиот момент, без размислување“, вели партискиот портпарол
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска го обвинија лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) дека ги застапува бугарските позиции наместо македонските интереси и дека молчи за пренесувањето на моштите на цар Самуил во Бугарија.

Портпаролот на партијата, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција вели дека Филипче постојано се залага за внесување на Бугарите во Уставот и додаде дека тоа е истиот став што го има и официјална Софија.
„Филипче периодов молчи и за пренесувањето на таканаречените мошти на цар Самуил во Бугарија. Молчи затоа што со неговиот ментор Заев преку историската комисија се откажаа од него уште во првиот момент, без размислување“,
вели Манасиевски.
Потоа, упати критики кон Филипче и експремиерот Зоран Заев за нивните ставови во врска со искористите прашања и македонскиот јазик.
„Филипче и неговиот ментор Заев, велеа дека Бугарите биле ослободители, а не фашисти во Втората светска војна, односно дека биле администратори и дека македонскиот јазик е од 1944 година, а нашата држава дека била создадена благодарение на комунизмот“,
кажа тој.
Според него, Филипче е подготвен на сè за да дојде на власт.
„Од стабилно здравство, до марихуана-економија и капитулација на идентитетот и интегритетот на Македонија“,
додаде партискиот портпарол.
Порача дека партискиот лидер и премиер Христијан Мицкоски и Владата, заедно со граѓаните ќе го зачуваат достоинството на граѓаните.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера во телевизиско гостување рече дека ставот на Владата за уставните измени како услов за почеток на преговорите за членство во Европската Унија е јасен и сите го знаат, а нејзината цел е да најде начин како да го придвижи процесот на евроинтеграција напред.
Ја обвини опозицијата дека лажела за владините ставови во врска со уставните измени и со евроинтеграцијата.
Според претседателот на СДСМ, Венко Филипче, политиките на Мицкоски ја водат земјата во изолација од ЕУ, а последиците ги чувствуваат граѓаните преку падот на животниот стандард, високите цени и заминувањето на младите.
Бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова по вчерашната билатерална средба со шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски во Софија изјави дека враќањето на посмртните останки на цар Самуил не било тема на разговор.
Според неа, чинот претставува „голем триумф за Бугарија“ и има обединувачка функција.
Посочи дека враќањето на посмртните останки не треба да се гледа во негативен контекст во однос на Северна Македонија, туку како нешто што може заеднички да ги ангажира двете страни.
