Одговорот зошто Левица не гласала за предлогот на социјалдемократите за зголемување на минималната плата, Кузеска го лоцира во седнувањето на оваа партија на иста маса со платформата „Разговори за иднината во 12:05“, односно, како што рече портпаролката, луѓе што однатре работат да ја урнат единствената опозициска партија – СДСМ
Од Левица возвратија со обвинувања дека партијата што ги распродала фабриките и претпријатијата на народот и која зад себе оставила илјадници стечајци и деца со празни стомаци, не може да држи лекции за минималната плата
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) денеска повторно упати жестоки критики до политичката партија Левица затоа што нејзините пратеници во Собранието во средата не го поддржаа предлогот за зголемување на минималната плата на 600 евра.

Портпаролката и членка на Извршниот одбор на социјалдемократите, Богданка Кузеска, претпладнево на прес-конференција ја обвини партијата за лицемерство, наведувајќи дека иако Левица во својата програма тврди дека се залага за работничките права, нејзините пратеници воопшто не биле присутни во пленарната сала кога се гласаше за предлогот. Партијата, рече Кузеска, постапила исто како и владејачкото мнозинство што го сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Влен, а во салата, како што додаде, ги немало ниту пратениците од ДУИ.
„Што стои во програмата на Левица? Велат дека стојат на страната на обесправените. Дека работничките права се безвредни и дека тие ќе ги бранат. Дека се единствената автентична партија за која унапредувањето на трудот е апсолутен приоритет. Пред избори ветуваа минимална плата на ниво од две третини од синдикалната потрошувачка кошница. Медијална плата. Исплата од први до седми. Дупла дневница за викенд и празник. Укинување на привилегијата за плати над 10 000 евра. Кога дојде закон за 600 евра минимална плата, Левица не гласаше. Ако партија што се колне во работничката не гласа за минимална плата, таа не е лева партија. Таа е партија на далечинско“,
рече Кузеска.
Одговорот зошто Левица не гласала за предлогот на социјалдемократите, Кузеска го лоцира во седнувањето на оваа партија на иста маса со платформата „Разговори за иднината во 12:05“, односно, како што рече портпаролката, луѓе што однатре работат да ја урнат единствената опозициска партија – СДСМ.
Нарекувајќи ја руска партија, која е против Европската Унија, НАТО и САД, Кузеска сугерира дека Левица можеби ѝ е потребна на ВМРО-ДПМНЕ за да ги ситни гласовите на опозицијата и да послужи како алиби за предвремени избори
„Второто прашање е потешко. Зошто партија што нема врска со СДСМ бара смена на раководството на СДСМ? И тоа заедно со претходни функционери што го донесоа катастрофалниот резултат во 2024, кога СДСМ ја загуби власта. Уште потешко. Луѓе од СДСМ што до вчера беа за НАТО, за САД и за ЕУ седнаа на маса со луѓе што се против сè тоа. Со партија што НАТО го нарекува убиец. Како се спојува неспоиво? Само ако е нарачано. Само ако веќе работат за Мицкоски и за организираната криминална група ВМРО-ОКГ. Левица не е опозиција. Платформата не е реформа. И двете се алатки“,
рече портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ.
Инаку, претходно денеска партијата Левица преку соопштение реагираше на обвинувањата на СДСМ од средата велејќи дека социјалдемократите повторно бараат виновник за сопствената политичка какофонија.
Од Левица возвратија со обвинувања дека партијата што ги распродала фабриките и претпријатијата на народот и која зад себе оставила илјадници стечајци и деца со празни стомаци, не може да држи лекции за минималната плата.
Оттаму велат дека предлогот на СДСМ за зголемување на минималната плата предвидува разликата од сегашните 450 до предложените 600 евра да не ја плаќаат газдите од сопствениот профит, туку државата со народни пари.
„Тоа се средства кои, со одговорна и народна политика, можат да одат во изградба на болници, училишта, патишта, јавен превоз и инфраструктура што му служи на целото општество. Наместо тоа, СДС предлага дел од тие средства да завршат кај приватните компании за да можат тие со јавни пари да ја исплаќаат платата на својот работник“,
велат од Левица.
Оттаму наведуваат дека од СДСМ за предлогот воопшто не разговарале со синдикатите, кои, како што велат од Левица, веќе јасно укажуваат дека иницијативата за минимална плата од 600 евра е застарена. Според нив, со секојдневното растење на синдикалната кошница, за еден човек да обезбеди колку-толку нормален живот, синдикатите се изјаснија дека се потребни најмалку 800 евра.

Како контрааргумент, од Левица посочуваат дека тие минатата година, според тогашната синдикална кошница, предложиле минимална плата од 500 евра во координација со синдикатите.
„Предложивме шестчасовен работен ден, регулирање на патните трошоци, исплата на платите најдоцна до петти во месецот и флексибилно работно време за родителите на деца до шест години. Предложивме породилното отсуство да се зголеми од девет на осумнаесет месеци, заштита на работниот однос на бремените работнички и почитување на законското право на седум дена боледување без работниците постојано да бидат изложувани на сомнежи и проверки“,
велат од Левица.
Токму тука, посочуваат од партијата, се разделуваат нивните патишта со, како што го нарекуваат, капиталистичкиот Социјалдемократски сојуз.
„Нивниот води кон продолжување на капиталистичката приватизација, евтината работна сила и државните субвенции за газдите. Нашиот кон јавна контрола врз стратегиските ресурси и економија во служба на работничкото мнозинство“,
наведуваат од Левица.
