Според Управата за хидрометеоролошки работи, променливото и облачно време со врнежи од дожд ќе се задржи до средината на следната седмица, а локално се очекува процесите да бидат во форма на невреме, со пороен дожд, засилен ветер и појава на грмежи
По влијание на циклонска активност денеска, но и во наредните денови, времето во земјава ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а наместа ќе има услови за појава на ретки грмежи, се вели во прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Ветерот, како што додаваат оттаму, ќе биде слаб до умерен и ќе дува од променлив правец.

Утринската температура денеска ќе се движи во интервал од два до 10 Целзиусови степени, а што се однесува до дневната нема да има значителна промена од претходните денови и се очекува да бидат измерени од 18 степени во Маврово, до максимални 29 степени во Гевгелија.
Во Скопје, според синоптичарите, исто така, ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд и ќе дува слаб ветер од променлив правец. Дневната температура во главниот град ќе се искачи до 26 Целзиусови степени.
Според Управата за хидрометеоролошки работи, променливото и облачно време со врнежи од дожд ќе се задржи до средината на следната седмица. Наместа се очекува врнежите да бидат пообилни, особено во недела, со над 20 литри на квадратни метри наврнат воден талог. Локално процесите ќе бидат во форма на невреме, проследени со пороен дожд, засилен ветер и појава на грмежи.
Во вторник, следната недела, земјава ќе биде под влијание на постуден бран, поради што врнежи на некои од повисоките планини ќе преминат во снег.
