До крајот на неделава се очекува да пристигне и првата испорака од вкупно 3 300 нови контејнери, што, според него, е најголемата набавка досега
Специјализираните возила за ЈП „Комунална хигиена“ веќе се предадени на Град Скопје и во наредните денови, по завршувањето на потребните правни процедури, ќе излезат на терен, информира денеска скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.

Во објава на социјалните мрежи најави дека до крајот на неделава се очекува да пристигне и првата испорака од вкупно 3 300 нови контејнери, што, како што посочи, е најголемата набавка досега.
„Испишуваме ново поглавје во јавната хигиена! Чистиот град значи здравје, достоинство и подобар живот за сите. Затоа, секој од нас има одговорност да го чува. Нашата работа нека биде поттик за поголема грижа, а секоја чиста улица обврска таква и да остане“,
вели градоначалникот.
Оцени дека Скопје предолго губело поради неодговорност и неажурност на претходните градски власти и порача дека на таквата состојба ѝ се става крај со конкретни активности и инвестиции во комуналната инфраструктура.
„Скопје предолго губеше поради неодговорноста и неажурноста на претходниците. На таа запуштеност ѝ ставаме крај со работа и конкретни дела! Со силна волја, макотрпна работа и заедничка одговорност, Скопје повторно ќе биде горд град“,
напиша тој на Фејсбук.
