Министерот за здравство информира дека со УНИЦЕФ е постигната согласност за обезбедување вакцини бесеже од Јапонија за период од една година, за, како што рече, да се обезбеди континуитет на оваа важна имунизација
Употребата на спорните серии на бесеже во земјава е завршена пред повеќе месеци и во моментов нема во употреба вакцини од овие серии – изјави денеска министерот за здравство Сашо Клековски, откако од Здравство вчера соопштија дека превентивно се одложува имунизацијата со вакцината бесеже од производителот од Бугарија, а за која во Хрватска се тврди дека предизвикала несакани ефекти

Иако досега нема евидентирани случаи на несакани дејства од двете спорни серии на вакцините од 2022 и 2023 година, Клековски вели дека од Комисијата за имунизација и од Институтот за јавно здравје е побарано да се направи длабинска анализа во изминатите четири години за да се види дали имало евентуални несакани дејства кај пациенти и дали тие може да се поврзат со употребата на оваа вакцина или не.
„Анализата на случаите нема да ја врши само МАЛМЕД, туку ќе ја вршиме и ние како Министерство, бидејќи сакаме да се опфатат сите елементи“,
додаде Клековски.
Министерот информира дека со УНИЦЕФ е постигната согласност за обезбедување вакцини бесеже од Јапонија за период од една година, за, како што рече, да се обезбеди континуитет на оваа важна имунизација.
„Ќе организираме што побргу да бидат транспортирани во Македонија за да обезбедиме континуитет на вакцинацијата со оваа вакцина кај новородените деца. Оваа една година ќе биде доволна за да има евиденција и од Хрватска и од Македонија дали тие несакани дејства може да се поврзат со вакцината од Бугарија или не, и да видиме следната година како ќе ги поставиме работите“,
изјави Клековски.
Министерот вели дека иако праксата е оваа вакција да им се аплицира на новороденчињата при исписот од родилиштето, во основа може да се направи и подоцна, што значи дека нема да има несакани ефекти од одложување на вакцинацијата со бесеже. Најавениот прекин во имунизацијата, како што рече Клековски, не би траел повеќе од 7 до 10 дена.
