Целта на формирањето на Советот е обезбедување континуитет на институционалната меморија на Собранието, унапредување на парламентарната практика и демократијата и давање стручни и советодавни мислења за прашања од значење за работата на Собранието
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, и неговите претходници Тито Петковски, Никола Поповски, Трајко Вељаноски и Јован Митрески денеска ја потпиша одлуката за формирање Совет на поранешни претседатели на Собранието на Република Северна Македонија. За идејата за формирање вакво тело експретседателите на законодавниот дом биле известени на претходните две средби одржани на 25 октомври лани и на 7 април годинава.

„Целта за формирањето на Советот, како неформално советодавно и консултативно тело, е обезбедување континуитет на институционалната меморија на Собранието, унапредување на парламентарната практика и демократијата и давање стручни и советодавни мислења за прашања од значење за работата на Собранието“,
соопштија од прес-службата на парламентот.
На средбата се разговарало и за процедурални прашања во работата на Собранието, дигитализацијата на неговото работење, идејата за собраниска библиотека и други актуелни прашања од значење за парламентот и за државата.
