Според пратеникот и ексвицепремиер, не треба да има табу теми, па дури и барањето на Платформата за заминување на лидерот Филипче, но приоритет треба да имаат стратешките определби и како да се настапи наспроти ВМРО-ДПМНЕ

Поддржувачите на Платформата 12:05 и раководството на СДСМ да седнат на заедничка маса и да дискутираат за сите теми поврзани со партијата, порачува пратеникот на СДСМ и поранешен вицепремиер Фатмир Битиќи, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. На прашањето за оставка на партискиот лидер Венко Филипче, што е едно од клучните барања на иницијаторите за промени во СДСМ, Битиќи вели дека е потребна отворена дискусија, но приоритет, според него, би требало да бидат стратешките определби, правецот во кој се движи партијата, како да се настапи наспроти ВМРО-ДПМНЕ, а на крај, како што вели, да се дефинира кои се луѓето што би биле најдобро решение и што би можеле таа стратегија да ја спроведат.
Битиќи: Ако се одлучиме да седнеме на маса во која сите страни, па и тие кои мислат различно, но се водени од социјалдемократските вредности, не би требало да имаме табу теми.
„360 степени“: Па дури и за позицијата на лидерот?
Битиќи: Позицијата на секој еден. Јас сум конзистентен, во 2024 г. кога изгубивме, бев прв кој поднесе оставка од позицијата потпретседател. Можеби во тој момент сметав дека не сум најодговорен за резултатот, но морате да покажете доблест и една морална одговорност за работите што се случуваат. И затоа, само преку дискусија, дијалог на сите засегнати страни и со спротивтставени мислења, да ги ставиме аргументите на маса и секако да се најде најдоброто решение за партијата. Овде не зборуваме за најдоброто решение за поединци. Дали барањето од Платформата кое, за жал, ми наликува на персоналано решение, е едиинственото решение кое ќе овозможи партијата понатаму да оди напред, не сум најсигурен. Затоа што прашањето е, ќе си отиде Венко, еве кој ќе дојде? Ќе дојде Фатмир Битиќи и дали тој ќе биде прифатлив за сите?

Во однос на обвинувања од една страна на Филипче до поддржувачите на Платформата дека одработуваат за власта и од друга, на Платформата кон Филипче за договор под маса со Мицкоски, Битиќи беше прашан – која од двете позиции му е поблиска.
Битиќи: Ниедна – зашто знам дека не одработувам за никого, одработувам само за СДСМ
„360 степени“: Но, вие не сте дел од Платформата, така?
Битиќи: Видете, сите другари што учествуваат во Платформата… Јас не сум одлучил да седнам на масата на Платформата за да не и наштетам уште повеќе на партијата. Не сум одлучил се уште да седнам на масата на раководството на партијата затоа што сметам дека се уште има простор Платформата да се доближи во партијата. Се додека овие две страни не ги видам, не сметам дека ние нешто ќе направиме. Македонија, за жал, е мала земја и луѓето кои се водени од вреднсоти не се многу, мораме да ги вклопиме сите независно што во одреден момент ги гледаме и мислиме дека можеби размислуваат поразлично.
