Одлуката доаѓа три дена откако парламентот отфрли два клучни декрета со кои малцинската влада на Педро Санчез се обиде да ја ублажи кризата со домувањето, која стана една од главните политички теми во Шпанија во последните месеци
Премиерот на Шпанија, Педро Санчез, распиша предвремени парламентарни избори за 29 ноември, на околу девет месеци пред редовните. Одлуката доаѓа три дена откако парламентот отфрли два клучни декрета со кои малцинската влада на Санчез се обиде да ја ублажи кризата со домувањето, која стана една од главните политички теми во Шпанија во последните месеци.

Санчез, на вонредна конференција, ја обвини опозицијата за блокирање и бојкотирање на политиките што се добри за земјата. Рече дека по консултации со своите колеги, одлучил да свика вонредна владина седница за распишување избори за крајот на ноември, додавајќи дека за ова го информирал кралот Филип VI.
Владините декрети кои беа одбиени од парламентот, меѓу другото, предвидуваа продолжување на заштитата на ранливите категории граѓани од иселувања до крајот на 2030 година, двегодишно продолжување на одредени постојни договори за закуп, построги правила за краткорочни и сезонски изнајмувања и ограничувања за купување станови од страна на компании и фондови што владата ги смета за шпекулативни. Предвидено беше и автоматско продолжување на договорите за закуп под одредени услови.
Гласањето на парламентот се одржа во време на големи протести во Шпанија поттикнати од иселувањето на 87-годишната Марикармен Абаскал од Мадрид, чиј случај стана симбол на проблемите со зголемувањето на кириите и достапноста на домувањето. По 71 година живеење во истиот изнајмен стан, компанијата сопственик на станот побарала раскинување на нејзниот стар договор за закуп, а по судска постапка била иселена на 23 септември.
