Тој посочува дека во криминалните шеми понекогаш се вмешани и лица од самите редови на претпријатието, но нагласува дека за нив нема толеранција

Граѓаните да не купуваат огревно дрво по пониски цени од лица кои вршат нелегална сеча, апелира заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов. Тој предупредува дека со секое купување нелегално дрво директно се поддржуваат криминалните структури кои ги пустошат македонските шуми.
Според Михаилов, зад нелегалната сеча стојат организирани групи кои не се двоумат да ги нападнат вработените во претпријатието и шумската полиција, а таков пример е забележан летово во Штипскиот Регион.
„Сите оние кои ќе се дрзнат во иднина да кренат рака на овластено службено лице, треба однапред да бидат подготвени дека следи сериозна затворска казна, бидејќи станува збор за напад на службено лице“,
вели Михаилов.
Заменик-директорот посочува дека во криминалните шеми понекогаш се вмешани и лица од самите редови на претпријатието, но нагласува дека за нив нема толеранција.
„Да, се уште има наши вработени, за кои за жал утврдивме одредени конекции со криминалните структури и онаму каде што тоа ќе го детектираме, нема пардон. Веднаш се отпочнува постапка по однос на она кое што го имаме како докази и имаме суспензии, кривични пријави и дисциплински постапки“,
додава тој.
Покрај штетите што ги предизвикуваат дрвокрадците, македонските шуми секоја година претрпуваат огромни загуби и од пожарите предизвикани од пиромани.
Минатиот месец, Михаилов информираше дека вкупно 138 шумски пожари досега регистрирало Јавното претпријатие „Национални шуми“, а пустошот што го оставиле огнените јазици во текот на оваа летна сезона се брои на стотици хектари опожарени шуми. Штетите допрва ќе се утврдуваат.
