Според наводите на Обвинителството, газдата на „Пулс“ во оваа постапка е осомничен дека поткупил службеник во Министерството за економија за да му обезбеди лиценца за вршење угостителска дејност, без воопшто да поднесе барање и во услови кога знаел дека неговиот објект не ги исполнувал законските услови за да добие лиценца
Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата (ОЈО ГОКК) информира дека е покрената нова истрага против газдата на „Пулс“, Дејан Јованов-Деко, овој пат за кривичното дело давање поткуп.

Според наводите на Обвинителството, Јованов во оваа постапка е осомничен дека поткупил службеник во Министерството за економија за да му обезбеди лиценца за вршење угостителска дејност, без воопшто да поднесе барање и во услови кога знаел дека неговиот објект не ги исполнувал законските услови за да добие лиценца.
„Поради опасност од бегство на осомничениот за ова кривично дело, за кое е предвидена казна затвор од 1 до 10 години, како и фактот дека против него се води уште една кривична постапка за тешки дела против општата сигурност, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување притвор“,
соопштија вечерва од Обвинителството.
Додаваат дека предлогот за притвор против Јованов е апсолутно неопходна мерка со оглед на сите околности.
„Осомничениот досега беше обезбеден како обвинет во друга постапка. Но, со оглед на тоа што во однос на тоа дело истекуваат законските рокови за обезбедување, а јавниот обвинител од ОЈО ГОКК продолжува да прибира докази во однос на дејствијата на поткуп, тој процени дека ризиците за обезбедување на осомничениот се големи и побара да му биде определена притворска мерка“,
додаваат од ОЈО ГОКК.
Од Обвинителството информираат дека службеникот од Министерството за економија кој го примил поткупот веќе е обвинет и против него се води судска постапка за конкретното кривично дело.
Предлогот за определување притвор за Дејан Јованов доцна попладнево стигнал до Основниот кривичен суд, а по него ќе се постапува во текот на утрешниот ден.
Инаку, газдата на „Пулс“ требаше да излезе од притвор на 3 октомври, до кога му беше последното продолжување на притворот, со оглед на законската одредба дека може да ја издржува мерката најмногу една година од оцената на обвинителниот акт. Јованов понуди 12 милиони денари или околу 200 илјади евра во недвижен имот како гаранција дека нема да побегне откако ќе излезе од притвор.
