Клаудија Бауер не објаснува во детали како би се извело тоа сценарио и дали за оваа опција се разговара и со Бугарија
Интервјуто со 31-годишната Бауер, една од надоаѓачките ѕвезди на владејачката Народна партија на Австрија, го направивме на маргините на Конференцијата за Западен Балкан во форматот ,,Славков 3″ која се одржа во Виена
360°: Министерке, каква беше атмосферата на конференцијата и дали имаше некој реален исход од оваа средба? Зборувам за конкретна посветеност од ЕУ кон земјите од Западен Балкан.
Клаудија Бауер: Имавме многу добра и отворена дискусија за време на конференцијата. Ја одржавме оваа конференција под австриското претседателство во формат „Славков 3“, бидејќи сакаме политиката на проширување, за Западен Балкан особено, да ја вратиме високо на агендата на Европската Унија, и затоа сакаме да ја искористиме оваа регионална соработка, регионалните формати, исто така, за да им дадеме – а особено на темата за проширувањето и политиката на пристапување – простор и фокус каков што заслужуваат. Имавме добри дискусии и добри заклучоци кога станува збор за подобрување на комуникациите, кога станува збор за конкретни резултати од постепената интеграција. Тоа е исто така еден дел од процесот, но тоа е само првата фаза. Тоа никогаш не е замена за полноправно членство, но мислам дека е нешто што со опипливи резултати покажува дека се исплати кога останувате на вистинскиот пат. И во текот на последните часови разговаравме и за билатералните прашања, дека – да, секоја земја кандидат, како и секоја земја членка на ЕУ си има свои билатерални прашања, своја историја во врска со тоа, и тоа е исто така нешто што има – постои потреба да се реши пред финалната фаза, одлучувачката фаза на пристапните преговори.

360°: На темата за билатералните прашања, во Вашето неодамнешно интервју за „Слободен печат“, ја отворивте можноста за т.н. уставни промени, амандмани со одложено влегување во сила. Дали оваа опција се разгледува со Бугарија и другите земји членки на ЕУ?
Клаудија Бауер: Мора да ја прашате тоа Бугарија. Го искористивме нашиот регионален формат „Славков 3“, со Словачка, Чешка и Австрија, за да им дадеме збор на земјите од Западен Балкан и да се фокусираме на политиката на проширување. Сакаме да го видиме нивниот напредок. И исто така ни е јасно дека билатералните блокади, билатералните прашања треба да се решаваат на билатерално ниво, бидејќи политиката на проширување не е само техничко прашање, и не е само прашање на проширување кон нашето соседство, туку станува збор за нашата стабилност, за безбедноста на нашиот континент, и затоа е геополитичка неопходност почесто да се користи овој инструмент. Повторно, имаме години во кои воопшто не сме виделе напредок во политиката на проширување, во кои немаше нов член во ЕУ. Бевме 28 претходно, сега сме 27. Затоа мислам дека е крајно време да ги оствариме нашите ветувања и повторно да разговараме за тоа како можеме да одиме напред во оваа ситуација.
360°: Колку е реално, колку е изводливо ова сценарио – повторно, зборувајќи за уставни промени со одложено влегување во сила – дали мислите дека ова е изводливо, дека може да биде компромис?
Клаудија Бауер: Мислам дека е изводливо. Јас сум оптимист и се надевам, особено за земја како Северна Македонија, дека имаме некои конкретни чекори сега каде што гледаме дека процесот на пристапување оди напред и ни треба тоа. Особено Северна Македонија има потреба од тоа. Земја која е многу посветена на нашите европски вредности, земја која е многу посветена на процесот на пристапување, бидејќи дури го сменивте и името на вашата земја, и мислам дека е крајно време да видиме напредок и таму. Затоа, да, некои билатерални прашања сепак очигледно треба да се разговараат, но кога има решение, тогаш можам само уште еднаш да го поддржам пристапот заснован врз заслуги. Исполнети се сите неопходности, а Европската комисија исто така известува за тоа во годишниот извештај за земјите во процес на проширување. Мислам дека тогаш е крајно време да се отворат првите поглавја и кластери.
360°: Се очекува да бидат објавени патокази за земјите кандидатки кои се најнапред во пристапниот процес. Што би понудиле овие патокази во пракса и кои се потенцијалните импликации врз евроинтеграцијата на Македонија? И дали мислите дека можеби постои голема опасност од зголемување на јазот меѓу самите земји кандидатки од Западен Балкан?
Клаудија Бауер: Имаме јасен и многу транспарентен пристап. Процесот се темели на заслуги и ние силно го фаворизираме овој процес бидејќи е многу објективен. Имаме јасни правила. Потребни се и неопходни национални реформи за да се напредува во рамките на самиот процес. Мислам дека можеме да го подобриме со постепена интеграција. Тоа значи дека имаме и некаков систем на наградување: кога неопходните реформи се имплементирани во земјите кандидатки, треба да има награда исто така со делумно отворање на единствениот пазар, на пример, како област каде што можеме да соработуваме, во одредени програми и проекти, особено во младинскиот сектор, или исто така кога станува збор за зоната без роаминг во ЕУ. Мислам дека ова е нешто што е многу опипливо за граѓаните и мораме да ги задржиме мотивирани во времиња кога фрустрацијата станува сè поголема, кога еден вид замор од проширувањето се појавува сè повеќе во некои земји кандидатки. Мораме да ги исполниме нашите ветувања. Исто така, станува збор за кредибилитетот на Европската Унија.
360°: Зарем не е малку доцна со процесот на роаминг како дома? Бидејќи со години некои земји го уживаат овој статус, но не и земјите од Западен Балкан. Споменавте за време на конференцијата дека е крајно време, но, знаете, зборуваа оваа година, оваа година, а сега зборуваме за летото 2027 година.
Клаудија Бауер: Мислам дека преговорите започнаа оваа година на таа тема. Минатата година беше предлогот за отворање на областа „Роаминг како дома“ за Украина и за Молдавија, и мислам дека никогаш не смееме да создадеме две класи земји кандидатки. Она што важи за Украина и Молдавија мора да важи и за земјите од Западен Балкан. Имаме полна чекалница, и ако има добри идеи, ако има добри предлози за постепена интеграција, исто така, и двата региона мора да профитираат од овие конкретни проекти, и затоа целосно ја поддржувам, веќе една година, од мојот почеток како министерка за европски прашања во Австрија, идејата за „Роаминг како дома“ исто така и во рамките на нашите земји кандидатки. Тоа е опипливо за граѓаните за да видат дека се исплати.
360°: Црна Гора се смета за предводник во евроинтеграциите. Тие имаат за цел членство во 2028 година. Дали ова е реално? И ако овој датум е реален, дали Црна Гора би станала полноправна членка на ЕУ, вклучувајќи целосен глас и право на глас во рамките на Европската Унија?
Клаудија Бауер: Мислам дека е реално. Амбициозно е, но е реално. И ни треба оваа успешна приказна и како Европска Унија, особено, за да видиме одреден напредок во политиката на проширување, дека растеме како семејство, дека растеме како Унија која се залага за истите вредности. И затоа работиме на некои конкретни успешни приказни таму. Црна Гора има голема веројатност да биде следната земја членка на ЕУ. И секако, целта за секоја земја кандидат е полноправното членство. Знам дека ова е долг пат, особено кога ги гледаме и другите земји кандидатки, како, на пример, Украина или Молдавија. Тие се на самиот почеток на преговорите и ќе им бидат потребни неколку години и децении за да напредуваат таму. Мислам дека мора да бидеме реални, особено на таа тема. Но, целта е полноправно членство и место на масата.
360°: Еднакво место на масата?!
Клаудија Бауер: Секако. Нема две класи.
360°: Најавена е нова комуникација за проширувањето. Што можеме да очекуваме од неа? Дали мислите дека ќе има некои нови работи што можеби некако ќе внесат нова динамика во процесот, ќе го забрзаат, особено кон регионот?
Клаудија Бауер: Мислите на предлогот на Комисијата?
360°: Да.
Клаудија Бауер: Па, отворени сме да разговараме за заштитните мерки, и мислам дека заштитните мерки се добар механизам за заштита на нашите вредности, за заштита на стандардите на владеењето на правото, на пример, во рамките на Европската Унија. Тоа не смее да заврши како дополнителен услов за земјите пристапнички. Не смее да заврши како патека со пречки за сите земји кандидатки. Мислам дека имаме јасни и транспарентни правила. Тие треба да се исполнат, како што направивме со сите други нови членки на ЕУ во последната деценија, всушност децении. Значи, тоа е нешто што мора да го гарантираме. И секако, обезбедувањето на владеењето на правото, обезбедувањето на демократијата, слободата на печатот, слободата на медиумите е исто така нешто за што мора да работиме во рамките на Европската Унија.
360°: Дали мислите дека подемот на крајната десница меѓу земјите членки на Европската Унија е закана, опасност за проширувањето? И дали тоа би ја ослабело подготвеноста на ЕУ да прими нови земји членки?
Клаудија Бауер: Не мислам така. Всушност, не гледам такви сигнали во овие насоки. Австрија е земја каде што десничарската партија е најголема партија во парламентот, не само во анкетите, туку веќе и во рамките на парламентот. Па, мислам дека она што го нагласува тоа е потребата од пристап заснован врз заслуги. Имаме јасни и транспарентни правила, и ако една земја е подготвена да биде членка на ЕУ, треба да ги исполниме нашите ветувања и да им ја дадеме шансата да бидат членки на Европската Унија. И мислам дека ова важи за секоја политичка идеологија.
