Тие го обвинуваат дека нанесува штета на партиската демократија, одбивајќи ги сите предлози за структурни реформи без претходно да ги разгледа, а партијата ја свел на инструмент за тесен круг луѓе

Венко Филипче се повеќе личи на неговиот поранешен работодавец Никола Груевски, велат организаторите на иницијативата „Разговори за иднината во 12:05“ по неговата последна прес-конференција. Во пишаната реакција тие оценуваат дека Филипче манифестира авторитарен карактер, користи примитивен речник и се обидува да ги дискредитира сите кои имаат поинакво мислење внатре во партијата.
„Сиот личен бес го истура врз оние што мислат поинаку од него. Користи крајно примитивен речник, се служи со подмолни конструкции, лично ги навредува и со сите сили се обидува да дискредитира докажани партиски борци кои и во изминатите две години и сега искрено и чесно сакаат да помогнат за посилен СДСМ“,
се вели во реакцијата.
Од Платформата велат дека им се јасни причините за однесувањето на Филипче. Според нив, Филипче е во паника бидејќи „се одмотува клопчето, излегува на виделина највалканиот политички дил од независноста до денес“.
Тие го обвинуваат дека нанесува штета на партиската демократија, одбивајќи ги сите предлози за структурни реформи без претходно да ги разгледа, а партијата ја свел на инструмент за тесен круг луѓе.
„Тој е дефинитивно залутан во СДСМ и воопшто не припаѓа на партијата која некогаш беше пример за демократска, интелектуална и државничка организација. Партијата која во минатото беше симбол за пристојност, разумност и политичка чест ја сведоа на инструмент на мала секта чија единствена цел е по секоја цена да се вдомат во пратеничките клупи“,
се вели во соопштението од Платформата.
Оттаму му порачуваат пред да обвинува за криминал, да објасни како обвинителот, за кој сам тврди дека е под контрола на власта, го ослободил од одговорност за трагичниот пожар во модуларната болница во Тетово.
И покрај, како што наведуваат, заканите и напорите да бидат спречени, организаторите најавија дека до архивата на СДСМ сепак ќе ги достават предлозите за реформа на партијата.
„Што се однесува до неговите закани, добронамерно му порачуваме да не се срами на јавна сцена, бидејќи се повеќе личи на лоша копија на неговиот политички гуру и идол“,
додаваат од Платформата „Разговори за иднината 12:05“.
