Звукот од автомобилската свирка одекнува силно поради отежнатиот сообраќај во центарот на Приштина. Причина е снегот. На само 100-тина метри оттука се одржува настан во чест на свиркачите, чии дела одекнуваат силно во одбрана на демократијата. Причина е Меѓународниот ден на свиркачите.
Меѓу присутните е и Ѓорѓи Лазаревски од Македонија. Овој поранешен вработен во УБК, во улога на свиркач, помогна стотици илјади телефонски разговори да стигнат до јавноста, како сведоштво за масовна злоупотреба на пари и моќ од претходната влада. Лазаревски во Приштина беше поканет да ја прими Наградата за слобода на говорот од Коалицијата за заштита на укажувачи на Југоисточна Европа и Европскиот центар за правата на укажувачите.
– Пред се’, се чувствувам среќен, бидејќи целта ми беше да се обелоденат вакви работи за кои како што кажавте имаа извонреден ефект во општеството. Но, се чувствувам малку осамено и напуштено, но тоа што го чувствувам како придонес за општествената свест и самото подигање на свеста на народот и слободата што сега ја чувствува за мене е доволно за да бидам пресреќен – изјави Ѓорѓи Лазаревски.
Иста награда доби и Звонко Костовски, колегата на Лазаревски, со кого заедно го документираа масовното прислушување во УБК. Но, Костовски не присуствуваше на врачувањето. Иако резултатот од нивното свиркање се 20 обвиненија против 100-тина високи функционери на претходната власт, и двајцата се без работа. Костовски и не може да се врати на работното место ниту да бара отштета, поради тоа што официјално има статус на осудувано лице по признанието, најверојатно, изнудено под притисок.
– Тоа што сум тука без него покренува низа прашања во мојата глава. Зошто е потребно толку време за свиркачите да добијат правда и признание? Зошто има одложување во лекувањето на раните? Би рекол дека е намерно одложување. Што е проблемот? Зошто сме игнорирани и напуштени? Иако можам да ги претпоставам одговорите, не сум оптимист дека некогаш ќе добијам официјално објаснување. Ова само покажува дека на системот и на општеството им е тешко да се справат со вистината и со луѓето кои ја зборуваат – рече Лазаревски.
Годинашната награда ја врачи Мурат Мемети од Косово. Свиркач кој во 2016-та како тим-лидер на Косовската единица за даночни истраги, ја откри шемата за даночна измама на повеќе од 300 компании. Бил соочен со молк од надлежните, па решил јавно да го обелодени случајот.
– Се обратив во обвинителството, се обратив и во ЕУЛЕКС, беше тука вклучен и странски обвинител. Видов дека е огромно досието. Не можам се уште да кажам зошто молчеа. Јас одлучив и им реков дека ќе излезам во медиумите, имам докази, нека јавноста види. Немам никаква заштита, освен од граѓаните кои не се компетентни да ми дадат некаква безбедносни услуги – објаснува Мемети.
И во Косово и во Македонија актуелно е менување на постоечките закони за укажувачи, зашто, според познавачите, се свеле на мртво слово на хартија.
– Тие не се ниту поддржани ниту заштитени, често ако не се отпуштени и законот функционира и останат на работното место, тие се преместуваат, се случуваат различни злоупотреби против нив. Регулатоното тело е неопходно за законот да се спреведе во пракса и за негова примена во реалноста. Тоа би бил прв, основен чекор за подобра заштита на свиркачите, изјави Кристина Стеванчевиќ.
Пред еден месец македонското Собрание ги изгласа измените и дополнувањата на законот за укажувачи, базирани на препораките на Венецијанската комисија. Допрецизирана е спорната одредба за можноста судот да го открие идентитетот на свиркачот без тој да даде дозвола за тоа, со појаснување дека тоа ќе се направи само кога е неопходно потребно за водење постапка пред надлежен орган. Но, познавачите остануваат незадоволни.
– Сметам дека анонимоста мора да остане како прашање кое ќе биде надвор од судска расправа. Идентитетот на овие луѓе е битно да се заштити не само зашто тие после се изложени на различни начини на мобинг на работното место и од околината, мислам дека тоа треба да биде заштитено. Во другите држави, за жал е слична ситуацијата како и во Македонија, мислам дека тоа не е доволно добро покриено, смета таа.
Американскиот адвокат, основач и член на повеќе организации за заштита на свиркачите, Марк Ворт, е запознаен со македонската регулатива. Според него, клучни работи на кои треба да се посвети внимание се заштитата, надоместок за укажувачот и следењето на ситуацијата по обелоденувањето на информациите.
– Не сакам да ги критикувам македонските институции, но ако немаат воспоставено систем да ги заштитат укажувачите, ако судиите не знаат што претставува овој закон, ако властите не знаат што законот треба да донесе и која улога и одговорности ги имаат, тогаш тие треба да побрзаат да бидат сигурни дека ако има голем или мал случај, дека свиркачите се заштитени – оценува Ворт.
Пред околу половина година, Ворт заедно со Регионалниот центар за соработка со седиште во Сараево, го „мереше“ пулсот на општествата од Западен Балкан за свиркачите. Сублимираните податоци ја сместуваат Македонија на дното – ако балканскиот просек е секој 6-ти, во Македонија секој трет жител смета дека тоа што го прават свиркачите е неприфатливо и треба да се казни.
– Во Македонија има најголем процент на луѓе кои сметаат дека свиркачите треба да бидат казнети, една од 7-те држави кои ние ги истражувавме во Западен Балкан. Тоа е прилично вознемирувачки. Ние не знаеме зошто е тоа така. Можеби тоа е прашање на момент дека луѓето не знаат што се тоа свиркачи, луѓето мислат дека тоа се кодоши или шпиони. Луѓе кои даваат информации на други. Треба да се информираат луѓето што е јавниот интерес од свиркачите – смета Ворт.
Во земја со вакви ставови на граѓаните не треба да изненадува сознанието дека оние што добиваат меѓународни награди за своето дело, дома, за награда, се напуштени и заборавени.
Напишете коментар