Во извештајот од ДЗР е наведено дека поимот „Мој термин“ не е регистриран и правно заштитен од надлежните институции, туку од економски оператор со кој Министерството за здравство склучува договори за одржување на системот. Ова, според ревизорите, значи дека Министерството не е носител на авторските права над поимот „Мој термин“, туку тие права ги контролира приватен економски оператор и постои ризик од спорови за интелектуална сопственост на „Мој термин“
Ревизорите при контрола на лице место утврдиле отсуството на листите на закажани прегледи кај одредени јавни здравствени установи. Поради ваквите постапки создаден е ризик пациенти без закажани термини кои се со приоритетни и итни упати да бидат примени пред оние кои уредно чекале со месеци

Државниот завод за ревизија (ДЗР) објави извештај за ревизија на успешноста на Националниот здравствен информатички систем „Мој термин“, кој открива сериозни системски, управувачки и безбедносни слабости.
За одржување на овој и поврзаните системи во јавните здравствени установи се потрошени 333,3 милиони денари односно 5,42 милиони евра, при што само 9 отсто од средствата се однесуваат на националниот здравствен
информатички систем, а 91 процент на други системи во јавното здравство.
Во периодот од 1 јануари 2021 до 30 април 2026 година, системот „Мој термин“ не бил покриен со договори за одржување вкупно 738 дена, односно 37,9 отсто од времето, поради тоа што договорите се склучувале на годишно ниво.

Во извештајот од ДЗР е наведено дека поимот „Мој термин“ не е регистриран и правно заштитен од надлежните институции, туку од економски оператор со кој Министерството за здравство склучува договори за одржување на системот. Ова, според ревизорите, значи дека Министерството не е носител на авторските права над поимот „Мој термин“, туку тие права ги контролира приватен економски оператор и постои ризик од спорови за интелектуална сопственост на „Мој термин“.
Управата за електронско здравство има пополнетост од 29 отсто од предвидените работни места, а дел од кадровските дупки се пополнуваат преку едногодишни договори по дело.
Проверките на ревизорите утврдиле и дека има изоставување податоци од болниците.
Анализата покажала дека ГОБ „8 Септември“ во Скопје воопшто не евидентира хируршки интервенции во „Мој термин“, иако е една од најоптоварените болници. Исто така, за првите четири месеци од 2026 година, во оваа болница биле испратени СМС-известувања за само 10,1 отсто од реализираните упати.

Ревизорите при контрола на лице место утврдиле отсуството на листите на закажани прегледи кај одредени јавни здравствени установи. Поради ваквите постапки создаден е ризик пациенти без закажани термини кои се со приоритетни и итни упати да бидат примени пред оние кои уредно чекале со месеци.
Во извештајот од ДЗР е наведено дека потребно е унапредување на ИТ-инфраструктурата во јавното здравство и обезбедување услови за континуитет и стабилност во функционирањето на системите, а потребно е да се воспостават соодветни решенија за резервна копија во случај на пад на системот.
Од вкупните вложувања кај ЈЗУ за други информациски системи, дури 48 отсто се концентрирани кај три софтверски компании, што ревизорите сметаат дека упатува на зголемен ризик од концентрација и ограничена конкуренција.

Исто така, било утврдено дека не биле донесени ниту соодветни правила за пристап до личните и медицинските податоци, ниту биле назначени офицери за нивна заштита. Ова создава сериозна опасност од неовластен пристап и злоупотреба на податоците на пациентите, на што предупредила и Агенцијата за заштита на личните податоци.
Ревизорите упатиле низа препораки до Министерството за здравство и Управата за електронско здравство за итно воспоставување законска рамка, заштита на личните податоци, континуирано одржување и зајакнување на ИТ-безбедноста.
