Министерот за правда порача дека разликите во политичките ставови не смеат да бидат пречка за унапредување на изборниот систем и создавање изборно законодавство кое ќе биде стабилно, предвидливо, транспарентно и усогласено со европските стандарди и со препораките на ОБСЕ/ОДИХР
Министерот за правда Јетон Шасивари најави дека во следниот период ќе побара средба со пратеникот и лидер на СДСМ, Венко Филипче, за да разговараат за потенцијална деблокада на процесот на носење на новиот Изборен законик од страна на Социјалдемократскиот сојуз.

Министерот ова го изјави по средбата со членовите на работната група за реформи во изборното законодавство, со кои разговарал за потребните чекори за деблокада на носењето на Изборниот законик. На состанокот присуствуваа претставници на сите политички партии застапени во Собранието, освен претставниците на СДСМ.
„Сметам дека изборниот процес и реформата на изборното законодавство се прашања за кои е потребен широк политички и институционален консензус. Затоа, во наредниот период ќе побарам средба со претседателот на СДСМ, Венко Филипче, со цел да разговараме за отворените прашања и да најдеме начин процесот да продолжи. Очекувам СДСМ да се приклучи на следниот состанок на работната група и да даде свој придонес во реформата“,
изјави денеска министерот за правда Јетон Шасивари.

Шасивари порача дека разликите во политичките ставови не смеат да бидат пречка за унапредување на изборниот систем и создавање изборно законодавство кое ќе биде стабилно, предвидливо, транспарентно и усогласено со европските стандарди и со препораките на ОБСЕ/ОДИХР.
„Не очекувам сите да се согласиме за сè. Но, очекувам да разговараме. Оваа реформа ги надминува дневнополитичките интереси и го засега секој граѓанин, бидејќи изборните правила се директно поврзани со довербата во демократскиот процес и во институциите. Изборниот законик не е сопственост на ниту една политичка партија. Тој е закон што ги утврдува демократските правила според кои граѓаните ја остваруваат својата слободно изразена волја. Затоа, сите политички чинители имаат обврска да разговараат“,
порача министерот за правда.
Додава дека Министерството за правда ќе го продолжи дијалогот со Собранието, политичките партии, експертската јавност, граѓанските организации и сите релевантни институции со цел да се обезбедат инклузивен процес и квалитетни решенија за унапредување на изборното законодавство.
