Таа нагласила дека проширувањето не е само политика кон кандидатите, туку тест за капацитетот на ЕУ да дејствува стратешки

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на сесијата „Дали Европа (сè уште) е глобален играч?“, во рамки на 22. Европски самит во Салцбург. Во своето обраќање таа говорела за иднината на европскиот проект, стратешките предизвици со кои се соочува Европската Унија и потребата од забрзување на европската интеграција на Западен Балкан, како прашање за кое Унијата има целосна контрола и одлучувачка моќ.
Претседателката, како што информираат од нејзиниот Кабинет, посочила дека Унијата денес се соочува со парадокс – додека нуди асоцијативни членства за прекуокеански држави, таа демонстрира немоќ да интегрира регион од едвај 18 милиони жители што е целосно опкружен со нејзини земји членки.
Во однос на македонскиот евроинтегративен пат, Сиљановска-Давкова рекла дека Македонија е кандидат за членство 21 година, со 17 позитивни извештаи за почеток на преговорите, 100-процентна усогласеност со надворешната политика на ЕУ и претрпени драстични промени – промена на знаме, име и 36 уставни измени. Сепак, наместо меритократија, земјата континуирано се соочува со билатерални уцени и двојни стандарди, кои го нарушуваат нејзиниот уставен поредок.
„Принудувањето на една држава да ја менува својата внатрешна правна структура за да се разреши историски спор отвора сериозно прашање за доследноста на европските принципи. Членот 4 (2) од Договорот за ЕУ ја обврзува Унијата да ja почитува еднаквоста на државите членки и нивните национални идентитети, вградени во нивните основни политички и уставни структури. А сепак, во нашиот случај, уставната промена условена од билатерален историски спор се претставува како тест за нашиот демократски капацитет“,
рекла Сиљановска-Давкова.
Таа нагласила дека проширувањето не е само политика кон кандидатите, туку тест за капацитетот на ЕУ да дејствува стратешки.
„Ако сака поголема геополитичка тежина, Европа мора да биде похрабра и поконзистентна: помалку непредвидливост, повеќе меритократија; помалку патернализам, повеќе вистинско партнерство“,
истакна претседателката.
За неа, наместо катализатор за реформи, процесот на проширување сè почесто станува заложник на билатерални спорови што не се дел од Копенхашките критериуми.
„Кога напредокот не зависи од самите реформи, процесот ја губи својата кредибилност. Тоа веќе не е само проблем на кандидатите, туку институционален проблем за самата ЕУ“,
порачала Сиљановска-Давкова.
Осврнувајќи се на реформите на проширувањето, претседателката укажала на три суштински промени.
„Прво, системот на заслуги мора да биде заштитен. Ако една земја ги исполни објективните критериуми, не смее друга земја да го запре нејзиниот технички напредок поради прашање што не е дел од европските критериуми. Во спротивно, ветото само ќе се пресели од една фаза во друга“,
рекла претседателката.
Таа смета дека членството не смее да создава Европа од прв и од втор ред. Заштитните механизми рекла дека може да бидат легитимни, но мора да бидат објективни, пропорционални и временски ограничени.
„Целта на реформата не може да биде создавање трајна хиерархија меѓу членките“,
рекла таа.
Сиљановска-Давкова додала дека постепената интеграција може да донесе реални придобивки уште пред полноправното членство, но само ако води кон членство, а не кон трајна замена за него потсетувајќи дека Австрија и други членки веќе се застапуваат за идеи за постепена и секторска интеграција токму во оваа насока.
Таа заклучила дека реформата на проширувањето не е услуга за Западниот Балкан, туку инвестиција во геополитичкиот капацитет на самата Европска Унија.
