Вучиќ не прецизира на кого ќе се однесуваат помилувањата, но спомена дека тие ќе опфатат и демонстранти кои протестираа и против него

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска објави дека ќе донесе одлука за помилување и аболиција на некои лица за настаните од изминатата година и пол, без да прецизира на кого точно се однесува тоа.
Вучиќ, кој претходно најави дека вечерва ќе поднесе оставка, за Радио-телевизија Србија (РТС) изјави дека сè уште работи на одлуки за помилување и аболиција.
„Мислам на дел од луѓето кои учествуваа во сè она што се случуваше во земјата во последната година и пол, од двете страни. Многумина ќе бидат изненадени од помилувањата и аболицијата“,
рече тој.
Тој додаде дека една одлука ќе се однесува на оние што имаат осуда, а друга одлука за оние што не се осудени.
Како што изјави, верува дека ова ќе придонесе за „помирен живот и подобро разбирање“.
„Ми беше жал за некои кои поминаа седум или осум месеци во притвор поради мене, па затоа ќе им помогнам и ним“,
рече Вучиќ на РТС.
Како што додаде, неговата намера е да ја аболицира групата од Нови Сад.
„Зборуваме за сите овие блокатори, за групата Пајиќ. Ова ќе наиде на жестоки реакции кај многу мои поддржувачи, но ова е моја претседателска одлука“,
кажа тој.
Вучиќ претходно најави дека вечерва ќе поднесе оставка од претседателската функција, со што предвреме ќе му заврши мандатот. По поднесувањето на оставката која се најавува за околу 20 часот, претседателските овластувања привремено ќе ги преземе претседателката на српското собрание, Ана Брнабиќ.
Сепак, тој останува во политиката. Носител е на листата „Обединета Србија“ и кандидат за премиер на претстојните вонредни парламентарни избори закажани за 25 октомври.
