Според ВМРО-ДПМНЕ Филипче повторно покажал дека е против рудници, против нови индустрии како со дата-центрите, дека повторно изразил лажна загриженост за земјоделците, за пензионерите и за лицата кои земаат минимална плата
Видно вознемирен во очајна состојба, Венко Филипче почна да плука по се што се прави од инвестиции до продлабочување на веќе постоечки партнерства, како она со САД и членството во НАТО, обвинуваат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ во реакција на прес-конференцијата на лидерот на СДСМ. Според ВМРО-ДПМНЕ Филипче повторно покажал дека е против рудници, против нови индустрии како со дата-центрите, дека повторно изразил лажна загриженост за земјоделците, за пензионерите и за лицата кои земаат минимална плата.
„Филипче повторно кажа дека Македонија е енормно задолжена. За ова ќе му дадеме само некои факти, ако не ги слушнал на почеток на месецов. Еве една споредба на првите осум целосни квартали на владите предводени од ДУИ и СДСМ и сега Владата предводена од ВМРО – ДПМНЕ. Во првите осум целосни квартали по доаѓањето на СДС и ДУИ на власт, просечниот реален раст на БДП изнесувал околу 2,6 проценти. Во првите осум целосни квартали на актуелната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, просечниот раст изнесува околу 3,55 посто. И последниот официјален податок, дополнително ја потврдува позитивната динамика: во вториот квартал од 2026 година реалниот раст на БДП достигна 4,3 отсто. Што говорат бројките? Трендот е повисок и постабилен раст, како и континуитет на позитивниот економски тренд“,
реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Сериозна опозиција, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, не може да биде со став – контра сме, само колку да бидеме поинакви.

На денешната прес-конференција која Филипче ја посвети на платформата „Разговори за иднината 12:05“ и нејзините претставници, кажа дека иницијативата е формирана со цел да се дефокусира јавноста од реалните проблеми во Македонија, како прашањето за отворање нови рудници, дата-центри, земојделците, пензионерите и загадувањето на животната средина.
„Зошто не зборуваат или не го одземаат вниманието од тоа така силно и аргументирано, опозициски да ја критикуваме власта, за лошите политики коишто ги води, зошто не зборуваат за дата-центрите, за намерата на Христијан Мицкоски и на неговата банда да ја земат водата од земјоделците, зошто не зборуваат за петте нови рудници коишто за првпат се впишуваат во просторниот план, план изготвен од Министерството за животна средина? Ќе се копа антимон за туѓи интереси. Антимон којшто ќе влезе и во земјата и во водата и ќе ги загади и земјата и водата, и ќе го загрози здравјето на луѓето коишто живеат во тие региони. Пет нови рудници, тие против коишто ние се боревме“,
кажа Филипче.
