Разгледување иницијативи за оценување на уставноста и законитоста на член од Кривичниот законик, е една од поинтересните точки на денешната седница на Уставниот суд, ако се земе предвид дека директно тангира поранешни функционери, но и актуелни и идни, кои евентуално би можеле да бидат обвинети за незаконитости при јавни набавки.
Станува збор за оценување на ставот 5 од членот 353 од Кривичниот законик. Кривичното дело е злоупотреба на службената положба и овластувања, а ставот 5 предвидува дека ако тоа е направени при вршење јавни набавки или е нанесена штета на Буџетот сторителот ќе се казни со најмалку 5 години затвор.
Иницијативи за овој став до Уставен поднесуваа адвокати кои се дел од одбраната на поранешни функционери обвинети од СЈО.
Во случај да се поништи одредбата за минимум 5 години затвор, тоа би значело помала казна предвидена во останатите ставови од членот 353 што, пак, би можело да доведе и до застарување на делата.
Покрај оваа, на дневен ред на денешната седница на Уставен се и неколку уредби со законска сила кои Владата ги донесе во вонредната состојба, како и дел од одлуките за прогласување на една од вонредните состојби.