Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, вели дека вработените во Судот неколкупати се обратиле до Судскиот совет и до Министерството за правда, но дека досега не е поднесена никаква санкција против претседателката на Судот
Претседателката на кумановскиот суд, Снежана Манев, пак, преку писмено соопштение ги отфрли ваквите наводи како целосно невистинити. Вели дека во своето 21-годишно искуство како судијка и деветгодишно искуство како претседателка на Судот во Куманово никогаш немала проблеми со вработените, ниту, пак, со синдикалната организација
Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски, денеска на прес-конференција обвини дека претседателката на Основниот суд Куманово, Снежана Манев, со години психички ги малтретира и ги навредува вработените во институцијата.

„Говеда“, „џукели“, „глупи сте“, „ништо не знаете“, „ќе ве запалам“, „ќе ве ставам под нозе“, „прво ќе те умрам, па ќе напуштам работа“, „вие од овој Суд може да заминете само со Брза помош“. Ова, како што рече Деаноски, се само дел од навредите кои вработените во кумановскиот суд ги трпат години наназад од претседателката Манев.
„Снежана Манев вакви зборови секојдневно упатува до вработените, најчесто пред странки и пред граѓани. А, пцостите кои ги упатува кон вработените мене лично ми е срам да ги изговорам. Таа ги навредува вработените и по верска и по национална основа. Истото е евидентирано и во извештај на Судскиот совет од 2023 година, односно дека претседателот на Основен суд Куманово во голема мера ги има нарушено меѓучовечките односи во Судот, а судиите Албанци ги навредувала по национална основа и им велела дека се неспособни и лудаци“,
рече Деаноски на денешната прес-конференција пред Судот во Куманово.
Кога вработена во Судот паднала и се повредила на работното место, додава Деаноски, наместо да биде емпатична и да изрази сожалување, претседателката Снежана Манев реагирала со зборовите:
„Дебелата крава намерно паднала за да се повреди“.
Според претседателот на Синдикатот на УПОЗ, намалувањето на вработените во кумановскиот суд од 165 на 115, меѓу другото, е директна последица од вознемирувањето и психичкото малтретирање на вработените. Тој додава вели дека вработените во Судот неколкупати се обратиле до Судскиот совет и до Министерството за правда, но дека досега не е поднесена никаква санкција против претседателката на Судот.

„По последната претставка на вработените до Судскиот совет, во Основен суд Куманово пристигнале двајца претставници на Судскиот совет, но наместо да ги заштитат вработените, тие ги испитувале и ги прашувале дали се нивни потписите кои ги има на претставката, а потписи има од 75 вработени во Судот“,
вели Деаноски.
Од Синдикатот го повикаа Судскиот совет итно да постапи по претставките на вработените, да ги заштити од самоволието на претседателката на Судот и да покрене постапка за нејзино разрешување. Ако тоа не се случи во најкраток рок, Деаноски вели дека вработените се подготвени да почнат протести и да го затворат судот со штрајк.
Претседателката на Судот, Снежана Манев, пак, преку писмено соопштение ги отфрла ваквите наводи. Вели дека во своето 21-годишно искуство како судијка и деветгодишно искуство како претседателка Судот во Куманово никогаш немала проблеми со вработените, ниту, пак, со синдикалната организација.
„Наводите дека работната атмосфера е нарушена од моја страна со незаконско и недолично постапување и однесување кон вработените, дека процесот на работа бил нарушен од моја страна, што предизвикувало страв, немир и неизвесност се потполно невистинити, паушални и апстрактни, бидејки, пред сè, во истите дури не е наведен ниту еден конкретен случај, кога и кон кого бил извршен наводен притисок. Раководам со судот согласно позитивните законски прописи со кои е регулирано функционирањето на судот“,
пишува Манев во писмената реакција.
Според неа, протестот е организиран од судскиот администратор, претседателот на синдикатот, службеник и неколкумина вработени, по повод дисциплинската постапка која била поднесена против судскиот администратор на 9 јули годинава за неизвршување работни задачи. Против решението, како што наведува Манев, е поднесена жалба до Советот за судска служба при Врховниот суд, по која сè уште нема одлука.
