Од Левица велат дека боледувањето не смее да се третира како подарок, туку како право кое работникот го добива преку својот труд. Од друга страна, додаваат од партијата, на боледувањето не смее да се гледа ниту како на куќен притвор бидејќи самото по себе не значи дека работникот е должен 24 часа да биде во својот дом – може да биде на лекар, во аптека, во лабораторија, на терапија или на рехабилитација, а кај некои здравствени состојби движењето може да биде составен дел од медицинскиот режим
Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, денеска на прес-конференција го искритикува најавеното намалување на боледувањето што матичниот лекар може да го отвори од седум на пет дена, како и најавените контроли кај работниците и најави дека партијата ќе поднесе законски измени со кои ќе бара правата на работниците при користење боледување да бидат уредени со закон, а не со правилник на Фондот за здравствено осигурување.

Мециновиќ вели дека за Левица не е спорно постоењето злоупотреби во боледувањата, кои треба да бидат санкционирани, но додава дека контролата треба да биде насочена кон процесот на одобрување на боледувањето, а не кон нарушување на достоинството и приватноста на работникот преку контрола во неговиот дом. Контролата на работникот во неговиот дом, вели Мециновиќ, е недозволиво од неколку причини.
„Знаете во што ќе се претворат тие контролори? Во рекетари. Ќе се плаќа рекет за да се потврди дали си дома или не си дома. Тоа е првата работа. Втората работа е што имаме стари луѓе на кои за да прележат грип им требаат седум дена, а не нешто друго. Од друга страна имаме медицински дијагнози за кои е препорачано движење. Не може еден правилник на еден Перински и на едно ВМРО-ДПМНЕ да биде купола над сето тоа што медицинската струка треба да го потврди за поединечните случаи, кои може да имаат многу варијабли кај нашите работници“,
рече Мециновиќ на денешната прес-конференција.
Од Левица се децидни дека боледувањето не смее да се третира како подарок од работодавачот, ниту од институциите, туку како право кое работникот го добива преку својот труд. Од друга страна, додаваат од партијата, на боледувањето не смее да се гледа ниту како на куќен притвор бидејќи самото по себе не значи дека работникот е должен 24 часа да биде во својот дом – може да биде на лекар, во аптека, во лабораторија, на терапија или на рехабилитација, а кај некои здравствени состојби движењето може да биде составен дел од медицинскиот режим.
Според Мециновиќ, контролата на злоупотребите треба да се насочи и кон компаниите во кои има голем број боледувања, наместо фокусот да биде единствено врз работниците. Особено, вели тој, треба да се внимава на работниците во индустриските капацитети и конфекциските фабрики, каде што, според него, дополнителните контроли можат да создадат дополнителен притисок врз луѓе кои веќе работат во тешки услови.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Златко Перински, во понеделникот најави дека ФЗО ќе почне да спроведува построги контроли на боледувањата за да се спречат злоупотреби. Во рамките на измените на Правилникот за боледување, ќе се бара и матичните лекари да ги намалат деновите за боледување од 7 на 5 дена.
