При прогласувањето на македонскиот јазик за вештачки, БАН се потпира на две бесмислени тврдења: сличноста со бугарскиот јазик и политичкиот карактер на македонскиот јазик, изјави претседателот на МАНУ на денешната промоција на четири капитални изданија за македонскиот јазик
Да се дадат вистински аргументирани и научни одговори за континуитетот и еволуцијата на македонскиот јазик и за неговото место во меѓународната славистика и лингвистика е целта на четири капитални изданија за македонскиот јазик, кои денеска беа промовирани на платото пред Македонската академија на науките и уметностите.
Станува збор за дела кои, на иницијатива на Македонската академија на науките и уметностите и со целосна поддршка и вклученост на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Советот за македонски јазик, излегоа од печат деновиве: „Македонскиот јазик – континуитет во простор и време“, колективна монографија во којашто е даден синтетски преглед на историскиот развој на македонскиот јазик од IX век па сè до неговата кодификација; „Погледи за македонскиот јазик“, меѓународен зборник на трудови во којшто над 40 странски и македонски лингвисти имаат свои прилози за различни аспекти на македонскиот јазик; „Македонска хрестоматија“, избор на позначајни македонски текстови од IX до XX век; и „Лингвистички атлас на македонските дијалекти“, кој дава продлабочен увид во лексичкото богатство на македонските дијалекти.
Претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, истакна дека овие изданија и светската лингивистичка наука потврдуваат дека т.н. македонско-бугарски јазичен спор, всушност, не е спор, туку апсурд.
„Зарем е можно во 21 век да се оспоруваат основни човекови права. При прогласувањето на македонскиот јазик за вештачки, Бугарската академија на науки (БАН) се потпира на две бесмислени тврдења, сличноста со бугарскиот јазик и политичкиот карактер на македонскиот јазик“,
вели Коцарев.
Според академик Ќулавкова, самото објавување и подготовка на овие четири тома делумно е предизвикано од потребата да дадеме конкретен научен одговор на некои ставови кои отстапуваат од научната вистина по однос на потеклото и развојот на македонскиот јазик , а второ некои од нив на пример како лингвистичкиот атлас се производ на долгогодишна работа во рамки на меѓународните институции.
Проф. д-р Марјан Марковиќ, дописен член на МАНУ, изрази уверување дека објавените научни факти за македонскиот јазик ќе ги прифатат политиката и политичарите и ќе ги имаат предвид при соочување со идните предизвици.
„Како што успеавме ние да се обединиме и да ги покажеме сите аргументи и научни факти поврзани со македонскиот јазик, не само во рамките на нашата земја туку и во меѓународните проучувања и добивме потврда и од меѓународната научна средина, верувам дека и политиката и политичките чинители ќе ги прифатат тие факти, ќе ги ставаат секогаш пред себе во сите премрежиња што нѐ очекуваат и во иднина“,
рече Марковиќ.
МАНУ на 3 декември 2019 година усвои Повелба за македонскиот јазик во која ги изнесува научно признатите факти за македонскиот јазик, како и улогата на Академијата во проучувањето и афирмацијата на македонскиот јазик во домашни и во меѓународни рамки. Набрзо потоа, Бугарската академија на науките, на 11 декември лани, излезе со став дека македонскиот јазик не постои и оти тој е „писмено-регионална норма“ на бугарскиот јазик.