„Заклучно со месец јули, штетите се движат некаде околу над 4 милиони евра. Значи тоа е голема штета, меѓутоа во однос на она коешто го имавме во текот на изминатите години, сметам дека е релативно мала“, изјави денеска Михаилов
Вкупно 138 шумски пожари досега регистрирало Јавното претпријатие „Национални шуми“, а пустошот што го оставиле огнените јазици во текот на оваа летна сезона се брои на стотици хектари опожарени шуми. Ова денеска го изјави заменик-директорот на ова јавно претпријатие, Кире Михаилов, кој вели дека штетите допрва ќе се утврдуваат.

Сепак, како што посочува тој, бројката на пожари низ македонските шуми оваа година се движи околу просекот на огнени стихии регистрирани изминатите години. Според него, рекорден број шумски пожари вработените во „Национални шуми“ бележат во 2007 година, кога ги имало 652.
„Заклучно со месец јули, штетите се движат некаде околу над 4 милиони евра. Значи тоа е голема штета, меѓутоа во однос на она коешто го имавме во текот на изминатите години, сметам дека е релативно мала“,
изјави тој, пренесе МИА.
Правејќи споредба со претходните две години, Михаилов потсети дека според податоците што ги споделиле со јавноста тогаш, во 2024 година штетата од шумски пожари е проценета на, како што кажа, фрапантни преку 83 милиони евра, додека минатата година сезоната на пожари била завршена со штета од над 50 милиони евра.
Заменик-директорот на „Национални шуми“ вели дека по завршувањето на летната сезона, вработените во претпријатието ќе влезат во опожарените шумски подрачја и ќе прават проценки, по што ќе утврдат каде ќе се чистат шумите од опожарената маса, а каде самата ќе се обновува.
„Без разлика колкава површина ќе биде зафатена од секој пожар, тоа не значи дека таа цела површина е целосно уништена. Некаде пожарот воопшто и не зафатил, некаде бил приземен, некаде горело трева. Доколку стеблото или, пак, листењакот воопшто не се чепнати од пламени јазици, тогаш таа шума многу лесно ќе се самообнови“,
изјави Михаилов.
Според него, дел од пожарите се подметнати од пиромани, но, додава, има и случаи каде огнените стихии во шумите биле предизвикани од невнимание. Таков, вели, бил пожарот кај делчевското село Бигла, каде што изгореле над 200 хектари шума.
Михаилов во тој контекст вели оти затворските казни за пироманите имаат ефект, но, според него, потребно е да се работи и на подигање на свеста за последиците од пожарите, меѓу другото, и во смисла дека од нив се загадува воздухот.
