Финансирањето на оваа мерка посочи дека може да се обезбеди преку кратење на луксузните трошоци во буџетот, како што се набавките на мебел, автомобили и патни трошоци на функционерите. За приватниот сектор рече дека ќе предложат мерка за субвенционирање на придонесите со цел да не се оптоварат компаниите
Пратеничката група на Социјалдемократскиот сојуз и коалицијата денеска во Собранието по третпат го поднесе предлог-законот за зголемување на минималната плата, со што таа треба да изнесува 600 евра, изјави на прес-конференција пратеникот и лидер на партијата, Венко Филипче.

Според него, со актуелната минимална плата од 26 000 денари и во услови на криза и постојан раст на цените, невозможно е работниците да имаат квалитетен и достоинствен живот.
„Над 70 отсто од работниците во земјата живеат со примања помеѓу минималната и просечната плата. Во услови кога синдикалната кошничка изнесува речиси 70 000 денари, односно над 90 000 денари, а доколку се пресметаат и трошиците за кирија или кредит за стан, сегашната минималната плата покрива едвај 31 до 37 отсто од вкупните трошоци на едно семејство“,
рече тој.
Од минималната синдикална кошничка речиси 25 000 денари, односно цела една минимална плата од 26 000 денари оди за прехранбени производи и безалкохолни пијалаци.
„Ако на тоа се додадат трошоци за школски прибор, што сега е актуелен, речиси 7 000 денари, за транспорт приближно 5 000 денари, за облека околу 6 000 денари, за здравство 1 100 или 1 2000 денари, практично нашите работнички семејства не можат да го преживеат месецот“,
вели Филипче.
Финансирањето на оваа мерка посочи дека може да се обезбеди преку кратење на луксузните трошоци во буџетот, како што се набавките на мебел, автомобили и патни трошоци на функционерите. За приватниот сектор рече дека ќе предложат мерка за субвенционирање на придонесите со цел да не се оптоварат компаниите.
„Како што ние правевме за време на ковид-кризата, кога платите и пензиите континуирано растеа и имаше поддршка за стопанството. Над две милијарди евра отидоа како поддршка за компаниите, за да ги зачуваат работните места. Сега власта нека најде начин, кога може да се луксузира, кога може да троши граѓански пари неотчетно, нетранспарентно, како концертот за кој премиерот рече дека се потрошени 0 денари, па веќе следниот ден му ги извадивме документите. Сите граѓани видоа дека премиерот лаже и троши граѓанки пари за такви лукзусни забави и прослави во ситуација кога граѓани не можат да го преживеат месецот“,
додаде лидерот на СДСМ.
На новинарско прашање дали очекува поддршка од власта, рече дека не очекува, посочувајќи дека таа не се грижи за граѓаните, туку само за своите тендери и за својот џеб.
Покрај предлог-законот за минимална плата, СДСМ поднесе и законски измени за заштита на правата на бремените жени и родилките во делот на користењето на годишниот одмор, со кој ќе им се овозможи неискористениот одмор поради породилно отсуство да го користат до крајот на декември следната година наместо до крајот на јуни.
Претходно поднесениот предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата во февруари годинава не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика.
Тогаш, за законот, кој беше поднесен од пратениците од СДСМ и Левица, дебатираа само опозиционерите, додека од власта за овој предлог на говорницата даде само пратеникот од ЗНАМ, Миле Цеков.
