Според интегративците, не станува збор за прашање на протокол, туку за јасен показател на односот на власта кон албанскиот национален симбол
Демократската унија за интеграција (ДУИ) бара институционална одговорност од градоначалникот на Тетово и еден од копретседателите на Влен, Биљал Касами, бидејќи, како што обвинуваат од опозициската партија, при одбележувањето на Денот на независноста во градот го поставил знамето со сонцето од Вергина, додека албанското национално знаме било изоставено.

Според интегративците, не станува збор за прашање на протокол, туку за јасен показател на односот на власта кон албанскиот национален симбол.
Оттаму посочуваат дека Влен во својата изборна програма ветувала дека албанското знаме, химна и национален грб ќе се користат рамноправно со македонските симболи, но штом станала дел од Владата, без, според ДУИ, да добие легитимитет од гласачите Албанци, ветувањата биле заборавени.
„Најпрвин, Максим Димитриевски ја забрани употребата на албанското национално знаме во нивната канцеларија, потоа видовме министри кои го избегнуваа на официјалните слики, додека за време на локалната изборна кампања албанското знаме недостасуваше токму таму каде што требаше да биде највидливо. Сега, на државен празник, кога неговата употреба е предвидена со закон, албанското знаме повторно е изоставено“,
се вели во соопштението од ДУИ.
Од партијата оценуваат дека врвот на, како што го нарекуваат, лицемерието, е тоа што додека албанското национално знаме било изоставено, во центарот на Тетово било поставено знамето со сонцето од Вергина, кое, велат, не е официјален државен симбол и е во спротивност со Преспанскиот договор.
„Значи, за оние кои ветуваа рамноправност на националните симболи, албанското знаме нема место, додека еден неинституционализиран симбол има место на државна церемонија. Ова зборува повеќе од која било изјава за нивната (на Влен) денешна политика“,
наведуваат од ДУИ.
Во таа насока, интегративците бараат од надлежните органи да ја проверат законската основа на поставувањето на знамето на Вергина, како и одговорноста на лицата кои наредиле, одобриле или го реализирале тој чин. Истовремено, надлежните, велат од ДУИ, треба да објаснат зошто е изоставено албанското знаме, затоа што, посочуваат оттаму, законите не смее да се применуваат селективно, а ветувањата за рамноправност да се користат само за добивање на гласовите на Албанците.

Од ДУИ порачуваат дека тетовскиот градоначалник и копретседател на Влен, Биљал Касами, може да прави политички компромиси за да ја задржи функцијата уште еден ден, но не може, како што велат, да го продава достоинството и националниот симбол на Албанците.
Според интегративците, 35-годишнината од независноста треба да биде ден на почитување на државата, законот и рамноправноста, а не ден на понижување и негирање на албанскиот симбол.
