Карни вели дека неактивноста би имала многу поголема цена и додаде дека иднината на Канада нема да се одлучува во Вашингтон

Канадските царини за низа американски производи стапија во сила како одговор за новите давачки што ги воведе Вашингтон кон крајот на август, објавува агенцијата Франс прес.
Новите царини се однесуваат на речиси 700 американски производи, со стапки што се движат од 15 до 50 проценти, а воведените царини се однесуваат на производи од челик и алуминиум, како и на земјоделска опрема, предмети за домаќинство. Отава верува дека овој износ одговара на еквивалентот во долари на канадските производи што се предмет на американски царини од 50 проценти воведени на 22 август.
„Овие мерки се неопходни за заштита на нашите работници и бизниси“,
вели канадскиот премиер Марк Карни.
Тој додаде дека неговата влада, исто така, ќе ги поддржи работниците погодени од тековната трговска војна со САД „колку што е потребно“.
„Имаме сè што ни е потребно за да се насочиме и да напредуваме“,
рече премиерот.
Тој вели дека неактивноста би имала многу поголема цена и додаде дека иднината на Канада нема да се одлучува во Вашингтон.
Воведувањето на царините доаѓа откако двете земји не успеаа да постигнат трговски договор по неколкудневни интензивни преговори.
Царините што ги воведе САД стапија во сила на 22 август и опфаќаат низа производи, вклучувајќи вино, мебел, млечни производи, цемент, облека, рибарски стапови и опрема за хокеј, и се однесуваат на околу 20 милијарди долари канадски извоз во САД.
