Тој додаде дека ќе ги прифати резултатите од изборите – какви и да се тие и ќе им честита на своите противници доколку победат

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека утре на пладне ќе ги потпише указите за распуштање на Народното собрание и распишување вонредни избори. Тој исто така потврди дека изборите ќе се одржат на 25 октомври.
„Треба да донесам две одлуки во согласност со Уставот и Законот за претседателот. Првата е указот за распуштање на Народното собрание на Република Србија, втората е одлуката за распишување избори. Ќе ги објавам обете одлуки утре, точно во 12 часот. Изборите ќе се одржат на 25 октомври“,
рече Вучиќ во гостување во РТС додавајќи дека кампањата ќе трае 46 дена.
Тој додаде дека ќе ги прифати резултатите од изборите – какви и да се тие и ќе им честита на своите противници доколку победат.
„Ги повикувам сите учесници во изборната кампања да се обидат да најдат начин да допрат до народот, да ги земат предвид нивните потреби, нивните грижи, да се обидат да не се вклучуваат во насилство. Знам дека некои повторно ќе ги блокираат факултетите. Моето барање е да не го прават тоа. Ако го сторат тоа, го прават на своја штета и на штета на граѓаните на Србија, на другите студенти, професори, ако сакате, на сите други, но тоа не е важно. Ќе поминат тие 45 дена и граѓаните на Србија ќе имаат можност недвосмислено да ја изразат својата волја, дали ќе го сторат тоа и како и на кој начин ја гледаат својата иднина“,
рече Вучиќ.
Тој рече дека им посакува на сите успешна демократска игра и дека верува оти по изборите ќе има излез „од таа криза за која сите постојано зборуваат“.
Главниот одбор на владејачката Српска напредна партија (СНС) одлучи дека сегашниот претседател на Србија, Александар Вучиќ, ќе биде носител на листата на Единствена Србија на следните парламентарни избори и дека тој ќе биде кандидат за премиер на Србија, доколку таа листа победи.
