Завршен е и патот до аеродромот и од Охрид до него може да се стигне по автопат

Со зголемен капацитет и со подобрени услови за патниците и персоналот, денеска беше пуштена во употреба реконструираната терминална зграда на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“. Со оваа модернизација, вредна 2,7 милиони евра, аеродромот добива и нов, освежен изглед, соопшти Министерството за транспорт.
Проектот за реконструкција и модернизација на патничкиот терминал опфаќа неколку делови.
Зголемен е бројот на шалтери, проширен е просторот за чекирање и се воведени современа опрема и технологија за побезбедно и поефикасно опслужување на патниците.
Унапредени се зоните за безбедносна контрола и рачен багаж, а реорганизиран е и паркинг-просторот.
Просториите се уредени со реплики на мозаици од стариот град на Охрид, особено од Плаошник и реплики на фрески од катедралната црква „Света Софија“, со што ентериерот го одразува богатото културно наследство на регионот.
Завршен е и патот до аеродромот и од Охрид до него може да се стигне по автопат.
Последните поголеми интервенции на терминалната зграда биле изведени уште во 1970 година, а сите градежни и реконструктивни активности изминатиов период се реализирани без да се прекине редовното работење на аеродромот.
Реконструкцијата и проширувањето на охридскиот аеродром започна во март годинава.
