Според извештајот, месечната инфлација во август, мерена преку индексот на трошоците на животот, изнесува 0,4 отсто во однос на јули годинава

Трошоците за животот во август годинава се зголемени за 2,6 отсто во споредба со истиот месец минатата година, додека цените на мало во истиот период бележат пораст од 2,3 отсто, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС).
Според извештајот, месечната инфлација во август, мерена преку индексот на трошоците на животот, изнесува 0,4 отсто во однос на јули годинава.
На годишно ниво најголемо зголемување има кај алкохолните пијалаци и тутунот кои се поскапи за 9,4 отсто, додека во однос на претходниот месец оваа група не бележи никаква промена. По нив е секторот рекреација, спорт и култура кој за една година се поскапи за 8,8 проценти.

Храната и безалкохолните пијалаци на годишно ниво се поскапи за еден отсто, а за еден месец пораснале за 0,5 проценти. За 3,8 проценти повисоки цени во август се плаќале и за домување, вода, електрична енергија.
Значаен пораст за една година има и во секторот услуги за образование, кој е повисок за 5 отсто, додека услугите во рестораните и во сместувањето се поскапи за 4,8 проценти.
На годишно ниво нема намалување на трошоците во ниту еден од секторите. На месечно ниво, пак, намалување на трошоците на животот е забележано кај облеката и обувките кои се пониски за 0,3 отсто и кај транспортот кој за еден месец станал поевтин за 0,8 проценти.
Државниот завод за статистика објави и дека индексот на цените на мало во август бележи зголемување од 2,3 отсто на годишно ниво, а во однос на претходниот месец има намалување од 0,2 проценти.
Најголемо зголемување кај цените на мало на месечно ниво има кај непрехранбени индустриски производи и тутун кои се повисоки за 0,9 отсто. За 0,4 отсто во август поскапи биле прехранбените производи.
Најголемо намалување на цените во август во однос на претходниот месец има во секторот услуги кои се пониски за 1,4 отсто.
Цените на земјоделските производи за еден месец се намалиле за 0,6 проценти.

