Анкетите покажуваат дека се очекува убедлива победа на десничарската Алтернатива за Германија (АфД). Оваа партија најавува построга миграциска политика, депортации, промени во образованието и културата, како и помала поддршка за Украина. Затоа ова не е само тест за силата на крајната десница во Саксонија-Анхалт. Ова е тест дали германскиот политички систем може да ја одржи границата што со децении ја поставуваше кон крајната десница

Во источногерманската сојузна покраина Саксонија-Анхалт денеска се одржуваат избори на кои околу 1,7 милиони гласачи избираат нов состав на покраинскиот парламент, а се очекува убедлива победа на десничарската Алтернатива за Германија (АфД).
АфД, која во таа сојузна покраина е дефинирана како противуставна организација, според последните анкети на јавното мислење, може да смета на поддршка од околу 40 отсто од гласачите. На второто место со 23 отсто е Демохристијанската унија (ЦДУ) со премиерот Свен Шулце.
На третото место е партијата Левица со 11 отсто, зад неа следува Социјалдемократската партија на Германија (СПД) со 8 отсто, како и партијата Зелени со шест отсто.
АфД, со главниот кандидат Улрих Зигмунд, стреми кон освојување апсолутно мнозинство и поставување на првиот премиер на една германска сојузна покраина од редовите на таа партија.
–„Веќе влеговме во историјата. Ќе си ја вратиме нашата земја, драги пријатели. Ние сме иднината“,
им порача Зигмунд на поддржувачите во пресрет на изборите.
„Избираме меѓу оние што ја мразат Германија и оние што ја сакаат Германија. А тоа сме ние. Тоа е АфД“,
порача Алис Вајдел, потпретседателка на АфД.
Во саботата во главниот град на покраината Саксонија-Анхалт, Магдебург, се одржаа собири за поддршка на демократијата, на кои повикаа синдикатите и разни граѓански иницијативи.
Магдебуршкиот бискуп на католичката црква, Герхард Фејге, изрази загриженост од исходот на изборите, пред сè поради силата на АфД.
„Луѓето повторно лесно си дозволуваат да бидат заведени и тоа ми влева страв. Останувам без зборови кога гледам како се релативизира опасноста што се заканува од АфД“,
изјави Фејге во разговор за весникот „Аугсбургер алгемајне“.
Потенцијални политички соработки
Имајќи предвид дека ФДП најверојатно нема да го помине изборниот праг, нема многу надеж за опстанок на актуелната владејачка коалиција на ЦДУ, СПД и ФДП.
Бидејќи сите партии што имаат изгледи за минување на изборниот праг одбиваат соработка со АфД, една од можностите што се споменуваат по изборите е и коалиција на ЦДУ, СПД и Зелените, која би ја поддржала партијата Левица.
Првичните резултати се очекуваат во текот на ноќта.
„Почеток на нова ера во германската политика“
Гласот на овие избори не е само одлука за тоа кој ќе седи во покраинскиот парламент. Зад гласачкото параванче во Магдебург секој гласач испраќа порака, можеби пред сè, во каква Германија сака да живее.
„Се надевам дека мојот глас ќе влијае врз односот на силите во парламентот и ќе ги спречи оние што водат да дојдат на власт“,
порача гласачот Јоахим Мајер.
„Очекувам сè да тргне во вистинската – десна насока, мора да бидам сосема искрен“,
изјави гласачот Јерг Шулц.
„Премногу е насилството од двете страни. Важно е само да го најдеме она што нè обединува“,
смета гласачот Дорин Хофман.
Токму Саксонија-Анхалт, некогашна источногерманска покраина, по обединувањето помина низ болна деиндустријализација. Многумина ги изгубија работните места, младите и образованите заминаа на запад, а економскиот јаз не исчезна. Чувството дека Берлин не ги разбира се претвори во политички бунт што најуспешно го капитализираше АфД.
Додека АфД синоќа ја славеше можната победа, илјадници луѓе во Магдебург покажаа дека не ја прифаќаат нивната визија за Германија.
„Мораме да покажеме што би можело да се случи доколку крајно десните екстремисти дојдат на власт“,
рече учесничка на еден од простите во Магдебург.
Но, други не мислат така.
„Ова би можело да биде симболична пресвртница, почеток на нова ера во германската политика. Главната причина не е едно конкретно прашање, туку чувството. Чувството на враќање во старата Германија, која беше безбедна и економски успешна“,
оцени политикологот Роберт Штокер.
АфД тоа чувство го претвора во конкретна политичка програма – построга миграциска политика, депортации, промени во образованието и културата, како и помала поддршка за Украина. Затоа ова не е само тест за силата на крајната десница во Саксонија-Анхалт. Ова е тест дали германскиот политички систем може да ја одржи границата што со децении ја поставуваше кон крајната десница, и колку резултатот од оваа покраина дополнително ќе го ослаби политичкиот авторитет на канцеларот Фридрих Мерц.
