Од ДУИ упатуваат критики кон функционерите од Влен и прашуваат каде се нивните вицепремиери и министри и каде се ветувањата за правична и соодветна застапеност

Од државните свечености, до спортот, културата и институциите – Албанците се исклучуваат секаде, додека Влен молчи, обвинуваат од Демократската унија за интеграција (ДУИ) реагирајќи на различни манифестации со кои се одбележува 35-годишнината од независноста на државата.
Според ДУИ, за време на одбележувањето на 35-годишнината од независноста, албанскиот јазик бил целосно занемарен и игнориран на државните манифестации, без притоа да се употреби ниту еден збор или знак на албански јазик.
Од партијата дополнително реагираат и на распределбата на државните награди „8 Септември“, каде, како што наведуваат, меѓу наградените спортисти и тренери нема ниту едно албанско име.
„За оваа влада, Албанецот е добар само кога треба да ја претставува државата и да носи медали, но станува невидлив кога доаѓа моментот државата да го признае и награди неговиот успех. Ова не е случајност, ова е политика“,
се вели во соопштението од ДУИ.
Од ДУИ упатуваат критики кон функционерите од Влен и прашуваат каде се нивните вицепремиери и министри и каде се ветувањата за правична и соодветна застапеност.
„И во оваа политика на исклучување, Влен избра да биде нем набљудувач. Оние кои дојдоа на власт со ветувања за еднаквост, соодветна застапеност и права на Албанците, денес немаат ниту еден збор за Албанците кои се исклучуваат“,
велат од ДУИ.
Од ДУИ сметаат дека Влен наместо да преземе одговорност, избира да молчи и дека единствено невидливи остануваат токму нивните претставници во власта.
„Кога Албанците се исклучуваат, Влен молчи. Кога Албанците се дискриминираат, Влен молчи. Кога придонесот на Албанците се брише, Влен повторно молчи. Ова е нивното лице по повеќе од две години на власт. Време е Влен да престане да ја крие главата во песок. Албанците не се невидливи. Невидливи стануваат само оние кои наводно ги претставуваат – Влен“,
се додава во соопштението од Демократската унија за интеграција.
