За тројца осомничени јавниот обвинител достави предлог до Основниот кривичен суд Скопје за определување мерка притвор, додека за еден се побарани мерки на претпазливост

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) донесе наредба за спроведување истражна постапка против шест физички и две правни лица. Осомничените се товарaт за кривични дела проневера во службата и перење пари, со кои го оштетиле Буџетот, повеќе институции и општини за 138 877 419 денари, односно околу 2,26 милиони евра.
Меѓу осомничените се сопственик на фирма за технички преглед од село Кучевиште, кој воедно бил и неизвршен член на Одборот на директори во осигурително брокерско друштво, раководител на станицата, двајца извршни членови на брокерското друштво, овластен сметководител, како и помошник-директорката за финансии во Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).
Во описот од ОЈО ГОКК се вели дека првоосомничениот – сопственик на фирма за технички преглед – изготвувал лажни извештаи и невистинити уплатници за наплатени надоместоци за регистрација и за јавни патишта, а раководителот на станицата за технички преглед изготвувал и потпишувал фактури и доставувал извештаи со невистинити податоци за наплатените надоместоци.
Парите биле уплаќани на сметка на осигурително брокерско друштво, каде што извршните членови и осомничениот ги префрлале меѓу сметките на правните лица, ги мешале со редовните приходи, а со дел биле купувани недвижности во корист на правното лице.
Осомничениот сметководител, додаваат од ОЈО ГОКК, книжел невистинити податоци и поднесувал годишни сметки и даночни пријави што не ја прикажувале реалната финансиска состојба на фирмата.
Во однос на помошник-директорката за финансии во ЈПДП, од ОЈО ГОКК велат дека таа свесно не ја контролирала наплатата на надоместоците и дополнително го известувала осомничениот раководител на станицата за технички преглед за износите наплатени на сметката на ЈПДП.
За тројца осомничени јавниот обвинител достави предлог до Основниот кривичен суд Скопје за определување мерка притвор, додека за еден се побарани мерки на претпазливост.
Инаку, вчера Министерството за внатрешни работи (МВР) информираше дека има приведено три лица, а против шест физички и три правни лица се поднесени кривични пријави. Од МВР рекоа дека групата со малверзации и лажирање извештаи при наплата на надоместоци при регистрација на возила проневерила над два милиони евра.
Акцијата на МВР била спроведена изминатите два дена од страна на Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР во координација со Единицата за брзо распоредување, а под раководство на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО за ГОКК).
Според МВР, во претресите што биле извршени на повеќе локации, покрај приведувањето на тројцата осомничени, запленети се 27 735 евра, 38 500 денари, 750 швајцарски франци и 100 долари, повеќе телефонски апарати и две патнички моторни возила.
