Според СДСМ, долгот за ЈПДП е сокриен и не постои во последната табела за јуни оваа година, а доколку се пресмета и овој износ, долгот би надминал 11 милијарди евра

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) обвинува дека премиерот Христијан Мицкоски и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска ги манипулираат податоците за јавниот долг за да го сокријат реалното задолжување на државата.
Од СДСМ велат дека според објавените податоци на Министерството за финансии, во јавниот долг, заклучно со јуни 2026 година, не е вкалкулиран новиот долг од 350 милиони евра на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).
Денешното соопштение од СДСМ следува откако вчера лидерот Венко Филипче, покажа документ во кој рече дека е информацијата за потребата од ново задолжување на државата во износ од 1,3 милијарда евра.
„Значи Кочоска и Мицкоски го фингираат јавниот долг“,
велат од СДСМ.
Од партијата наведуваат дека со ова се прекршува Законот за јавен долг, каде што е наведено дека гарантираниот долг на јавните претпријатија влегува во вкупната сума. Според СДСМ, долгот за ЈПДП е сокриен и не постои во последната табела за јуни оваа година, а доколку се пресмета и овој износ, долгот би надминал 11 милијарди евра.
„Заднинанта на сето ова е во подмолната операција која ја смислија криминалната организација со одлуката ЈПДП директно да се задолжува. Тоа имаше за цел шверцерски да го намалат дефицитот во буџетот. Но, бидејќи пари во Буџетот нема сега, сакаат да го фингираат и јавниот долг“,
се наведува во соопштението од СДСМ.
Од СДСМ ги отфрлаат објаснувањата на Владата дека задолжувањето од 1,3 милијарда евра е планирано дури за 2027 година, прашувајќи зошто тогаш одлуката се носи на владина седница неколку месеци однапред. Според нив, реалноста е дека во Буџетот нема пари за затворање на тековната фискална година.
Од опозицијата предупредуваат дека Владата преговара за нови долгови со некои кредитори и дека до крајот на годината ќе мора да има ново, поголемо надворешно задолжување, за кое велат дека ќе биде екстремно скапо со вонредно висока камата.
Вчера министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска ги отфрли обвинувањата на Филипче, за наводно криење долг од 350 милиони евра на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) и за новото задолжување од 1,3 милијарда евра.
Кочовска појасни дека долгот на ЈПДП е дел од фискалната стратегија и стратегијата за управување со јавен долг, но законски не може да биде дел од Буџетот бидејќи таму влегуваат само обврските на централната власт.
Таа ги демантираше тврдењата дека јавниот долг достигнал 65 отсто од БДП, оценувајќи дека опозицијата ги измешала комплетно работите.
„Долгот на јавно претпријатие не влегува во буџетот, туку само долговите на институциите од централната влада. Министерството за финансии работи транспарентно и нема што да се крие“,
рече таа.
