Во текот на ноќта интервенцијата била отежната поради тешко пристапниот терен, но од утрово тој нагласи дека акцијата продолжува со засилени екипи на пожарникари на терен. Воздушна поддршка ќе има од два „ертрактори“ на ДЗС, еден полициски и еден армиски хеликоптер

На територијата на Град Скопје во моментов има само еден активен пожар на отворен простор, кој пред два дена навлезе од косовска страна кај селото Грачани, Општина Ѓорче Петров, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
Огнот зафатил трева, грмушки и ниски смреки кои создаваат силен пламен и густ чад, а на одделни места се движи ниско низ мешовита шума. Пожарот, како што вели Ангелов, не загрозува населени места.
Ангелов додава дека синоќешниот ветер го насочил чадот кон градот и поради тоа тој е почувствуван во повеќе скопски населби. Тој појасни дека станува збор за чадот од истиот овој пожар што гори и од македонска и од косовска страна.
Вчера, вели Ангелов, еден полициски хеликоптер помагаше во гаснењето од косовска страна каде што огнот беше поинтензивен, додека скопските пожарникари дејствуваа на македонска страна.
Во текот на ноќта интервенцијата била отежната поради тешко пристапниот терен, но од утрово тој нагласи дека акцијата продолжува со засилени екипи на пожарникари на терен. Воздушна поддршка ќе има од два „ертрактори“ на ДЗС, еден полициски и еден армиски хеликоптер.
Вчера, за гаснењето на пожарот на Косово, земјава испрати полициски хеликоптер кој интервенирал во регионот на Хани и Елезит давајќи им поддршка на екипите што се борат со огнот.
Ангелов додаде дека во текот на вчерашниот ден низ целата држава биле регистрирани вкупно 31 пожар на отворен простор.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) потврдуваат дека во текот на изминатото деноноќие биле регистрирани 31 пожар на отворен простор од кои еден е активен, три се под контрола, а 27 се изгаснати.
Активен пожар е оној кај селото Грачани,а под контрола се во Општина Сарај кај селото Копаница, во Општина Чучер-Сандево кај селото Брест и во Општина Струга помеѓу селата Буринец и Локов.
