Целта е, како што вели министерот, државните услуги да станат подостапни и поедноставни за користење, директно преку мобилен телефон

Во октомври ќе биде промовирана мобилната апликација „М.услуги“ во која ќе бидат достапни електронски верзии на личната карта и возачката дозвола, како и две електронски услуги за граѓаните, најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
Според него, преку „М.услуги“ граѓаните на едно место ќе може да пристапуваат до личните документи во дигитална форма, како и до електронските услуги на администрацијата.
Целта е, како што вели тој, државните услуги да станат подостапни и поедноставни за користење, директно преку мобилен телефон.
Андоновски додава дека во изминатиот период интензивно се работело на прашањата поврзани со кибербезбедноста, заштитата и начинот на чување на личните податоци, како и нивната размена со Министерството за внатрешни работи, кое е сопственик на податоците.
„Во завршна фаза сме на усогласување и потпишување на протоколот за размена на податоците, како и на тестирањето на апликацијата. Сакаме пред таа да биде достапна за сите да бидеме сигурни дека системот е стабилен, безбеден и едноставен за користење. Апликацијата ќе биде достапна на App Store и Google Play, а нејзината тест-верзија досега ја презедоа речиси 6 000 граѓани“,
рече Андоновски во гостување во емисијата „Вести плус“ на телевизијата Канал 5.
Она на што се работи во дигиталната трансформација, според Андоновки, е мобилниот телефон постепено да стане дигитален паричник преку кој граѓаните безбедно и едноставно ќе пристапуваат до своите документи и до услугите на државата.
