Јаневска вели дека во протоколите точно е наведено кога се отвораат прозорците и какви активности се дозволени

Училиштата треба да ја организираат наставата за време на високите температури според протоколите на Министерството за образование и наука (МОН), а раководствата и наставниците треба да се приспособуваат на условите, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Одговарајќи на прашањето дали ќе има скратување на часовите поради топлото време, Јаневска истакна дека климатските промени се реалност, но тоа не смее да биде причина децата да не учат.
„Она што треба да се направи е да се почитуваат протоколите. Се разбира дека раководството на училиштата и самите наставници, тоа е дел од нивната работа, ќе се приспособуваат на условите“,
рече Јаневска.
Таа вели наместо да се изведува физичко образование на жешко време, часовите да се користат за предмети како ликовно или музичко.
„Јас не сакам да се мешам во нивната работа, но еве една идеја. Ако е постудено, ќе направат и некоја физичка вежба“,
додаде таа.
Јаневска вели дека во протоколите точно е наведено кога се отвораат прозорците и какви активности се дозволени.
На прашањето дали во училиштата ќе бидат обезбедени клима-уреди за разладување во топлите денови на почетокот и на крајот од учебната година, Јаневска изјави дека тоа ќе се случи кога државата ќе биде во можност финансиски да ги покрие сите училишта.
„Правиме по приоритети, правиме многу. Јас верувам дека во некој догледен период нема да имаме ваков предизвик“,
рече таа.
