Светски познатиот оперски пејач пред публиката настапи со својот репертоар, а неговиот настап го диригираше гостинот од Шпанија, Давид Хименез

Легендарниот шпански тенор Хозе Карерас (79) синоќа, пред публиката на плоштадот „Македонија“ во Скопје, приреди незаборавна музичка вечер. Настанот, организиран по повод 35 години од независноста на државата, се одржа под мотото „José Carreras with Macedonian All-Stars“ и се пренесуваше во живо на МТВ.
Првиот дел од концертот беше посветен на домашната сцена, каде Влатко Стефановски, Каролина Гочева, Калиопи, Ана и Игор Дурловски, Наум Петрески, Сузана Спасовска, Маја Оџаклиевска, Миле Кузмановски и Дешира Амети-Крлиу изведоа познати македонски хитови. Музичарите настапија во придружба на Македонската филхармонија под диригентство на Сашо Татарчевски.
Светски познатиот оперски пејач пред публиката настапи со својот репертоар, а неговиот настап го диригираше гостинот од Шпанија, Давид Хименез. Посебен интерес кај публиката предизвикаа неговите дуети со Каролина и Калиопи, кои беа пропратени со бурни аплаузи.
На крајот од концертот, за време на третиот бис, Карерас им се придружи на сите македонски изведувачи на сцената и заедно ја запеаа песната „Едно име имаме“. Заедно со нив пееше и публиката која остана до крајот на концертот.
