Пожарот зафатил голема површина, а опасноста од негово ширење и натаму е голема и ќе зависи од временските услови во текот на денот. Екипи од Битола и од Националниот парк цела ноќ останале на терен

Пожарот што вчера избувна во Ресенско и навлезе во Националниот парк (НП) „Пелистер“ утрово е локализиран, а состојбата е стабилна. Сепак, опасноста од негово повторно разгорување и ширење и натаму е голема, информирале од НП „Пелистер“, соопшти Општина Битола.
Според директорот на Националниот парк, Иванчо Тошевски, во текот на претпладнево е предвидена интервенција од воздух со хеликоптер и два авиони „ер трактор“.

Пожарот започнал вчера во близина на атарот на ресенското село Подмочани, по што брзо се проширил кон пониските делови на Националниот парк од преспанската страна. Зафатена е голема површина, а можноста за негово ширење ќе зависи и од временските услови во текот на денот.
Во гаснењето вчера учествувале екипи на НП „Пелистер“, противпожарните единици од Битола и Ресен, тимови на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), како и луѓе и механизација од битолските јавни претпријатија и од приватни компании. Во акцијата биле вклучени и двата „ер трактори“ на ДЗС.
Во текот на целата ноќ на терен останале припадници на доброволното противпожарно друштво „Архангел“, екипи на Националниот парк, пожарникари од Битола и работници со механизација од јавните претпријатија.
Центарот за управување со кризи (ЦУК) синоќа соопшти дека пожарот е ставен под контрола и дека дежурни екипи ќе останат на терен за целосно догаснување и спречување на евентуално повторно активирање.

Првичните информации од ДЗС беа дека пожарот избувнал во близина на ресенското село Макази и се движел кон Пелистер. Огнот се појавил покрај овоштарници со јаболка, на најмалку две места истовремено. Додека пожарникарите се обидувале да го запрат, недалеку се појавила подолга огнена линија, што, според директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, упатува на сомнение дека пожарот бил подметнат.

