И понатаму е активен пожарот на териториите на општините Студеничани и Зелениково, кој веќе неколку дена гори на потегот меѓу селата Моране, Вртекица и Рамни Габер, со крак кон селото Палиград и над селата Вражале и Тисовица. Од огнот, како што се наведува, е зафатена мешана шума
Вкупно 31 пожар на отворен простор биле регистрирани на територијата на државата во изминатото деноноќие, се вели во извештајот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) за состојбата до 7:30 часот утрово. Од нив, како што информираат оттаму, четири се и понатаму активни, три се под контрола, додека останатите 24 се изгаснати.

Според ЦУК, и понатаму е активен пожарот на териториите на општините Студеничани и Зелениково, кој веќе неколку дена гори на потегот меѓу селата Моране, Вртекица и Рамни Габер, со крак кон селото Палиград и над селата Вражале и Тисовица. Од огнот, како што се наведува, е зафатена мешана шума.
Нискостеблеста шума, ниска вегетација, пасишта и папрат горат во огнената стихија што ги зафати општините Гостивар и Македонски Брод. Во Гостиварско пожарот е лоциран кај селото Трново, кој се прошири кон селата Битово, Заград и Страјане во територијата на Општина Македонски Брод.
Активен е пожар и во општина Чашка, над селото Нежилово и местото викано Сватови, каде што горат смреки и ниска вегетација, како и оној во Општона Струга, кај селото Франгово, каде пожарникарите се борат со огнот кој зафатил нискостеблеста шума и ниска вегетација.
Според извештајот на ЦУК, под контрола се пожарите кај местото Дарда во село Тајмиште, на територијата на Општина Кичево, пожарот на депонијата во Делечево и оној кај селото Стрмница во Општина Брвеница.
Противпожарните екипи успеале да ги изгаснат пожарите во 24 општини, од кои неколку биле на територијата на Општина Желино, потоа во Теарце, Македонски Брод, Кичево, Делчево, Градско, Гостивар, Росоман, Босилово, Арачиново, Гази Баба, Карпош, Струмица, Кавадарци, Куманово, Шуто Оризари и Битола. Во овие места претежно горела ниска вегетација, ѓубриште, но и мешана шума, но и одложена кожа во кожара „Годел“, кај селото Бигла во Општина Делчево. Во Општината Градско, во селото Манастирец пожар зафатил лозови и овошни назади, кој пожарникарите успеале да го изгаснат.
