Според раководителот на станицата на Општинската противпожарна служба на Саранда, тешкиот терен не дозволувал пристап на противпожарните возила до подрачјето каде што продолжува пожарот. Поради оваа причина, побарана била интервенција од воздух за гаснење на пожарот

Голем пожар попладнево избувнал во градот Саранда во Албанија, а од кој биле загрозени станбени области во близина на центарот на градот. По брзата интервенција на пожарникарите и гаснењето од воздух со хеликоптер, пожарот е ставен под контрола, пренесуваат албанските медиуми.
На терен биле две противпожарни возила и девет вработени од Општинската противпожарна служба на Саранда, а поддршка стигнала и од други општини.
Според раководителот на станицата на Општинската противпожарна служба на Саранда, тешкиот терен не дозволувал пристап на противпожарните возила до подрачјето каде што продолжува пожарот. Поради оваа причина, побарана била интервенција од воздух за гаснење на пожарот.
Пожарот зафатил поголема површина со борови дрвја и густа вегетација во ридската област, а тоа сериозно ги загрозило станбените области.
Брзото ширење на пламенот, потпомогнато од силните ветрови и суровиот ридски терен, создал големи облаци од чад над крајбрежниот град и го вклучи алармот кај локалните жители, додека пожарот се ширеше кон зградите што се наоѓаат во близина на историскиот манастир „Четириесет маченици“.
Противпожарните сили продолжуваат да го следат теренот за да се избегне евентуално повторно разгорување на пожарот поради ветрот.
