Тој додава дека во текот на денешниот ден има повеќе од 20 пожари на отворен простор чија јачина не стивнува

„Ертракторите“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) интервенираат во гаснење на пожарот на планината Китка, каде што активни се неколку краци. Освен од воздух, за гаснење на овој пожар работат и скопските пожарникари, како и тимови на ДЗС и на Национални шуми. На терен, како што вели директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, има и возила „пинцгауер“ кои ќе интервенираат кога огнот ќе излезе од густата шума и ќе дојде до тревната површина.
Ангелов очекува во текот на денешниот и утрешниот ден пожарот да биде делумно изгаснат.
„Даваме сè од себе да го совладаме овој огромен пожар што е раширен на голема површина. Оптимист сум дека во текот на денешниот и утрешниот ден ќе биде ставен под делумна контрола“,
рече тој во попладневната видеоизјава.
Тој додава дека во текот на денешниот ден има повеќе од 20 пожари на отворен простор чија јачина не стивнува.
„Има многу неодговорни луѓе што ненемерно предизвикуваат пожари. За уште поголема жал, има злонмамерни луѓе кои поради користољубие или осветнички мотиви намерно предизвикуваат пожари, свесни дека при тоа може да убијат некого“,
рече Ангелов.
Претходно тој упати апел до граѓаните да го пријават секое сомнително однесување, особено жителите коишто се наоѓаат на подножјето на планината Китка, односно после Драчево на територијата на Општина Студеничани.
Според Ангелов, има индиции дека во овој реон има одредена група која намерно секојдневно повторно го распалува пожарот.
