На веб-страницата се опфатени сите податоци во врска со западнонилската треска. Прикажани се вкупниот број на случаи со западнонилска треска и населеното место каде што се регистрирани, вкупниот број хоспитализирани, смртни случаи и оздравени пациенти. Има и интерактивна мапа на која се прикажани бројот на засегнати општини, леглата на комарци и степенот на ризик
Состојбата со западнонилската треска во државата граѓаните отсега ќе можат да ја следат на новата веб-страница www.healthalert.mk, која денеска на прес-конференција ја промовира министерот за здравство Сашо Клековски.

На веб-страницата се опфатени сите податоци во врска со западнонилската треска од Клиниката за инфективни болести, Институтот за јавно здравје, Центарот за јавно здравје, а во иднина ќе има податоци и од Агенцијата за храна и ветеринарство. Прикажани се вкупниот број случаи со западнонилска треска и населеното место каде што се регистрирани, вкупниот број хоспитализирани, смртни случаи и оздравени пациенти.
„Со цел да обезбедиме навремено и максимално транспарентно информирање на јавноста за западнонилската треска, подготвивме нова веб-страница, која на едно место ги обединува сите податоци. Овде се комбинираат податоци во врска со епидемиолошката состојба, ризичните подрачја и преземените активности. Оваа мапа е благодарение на општествената одговорност на ГДИ – ГИС ДАТА, работена изминативе неколку дена“,
рече Клековски на денешната прес-конференција.
Во рамки на веб-страницата е достапна и интерактивна мапа на која се прикажани бројот на засегнати општини, леглата на комарци и степенот на ризик. Во долниот лев агол на страницата е наведен датумот кога е направено последното ажурирање на податоците.
Од почетокот на епидемијата досега се регистрирани вкупно 53 случаи на западнонилска треска – информира Клековски на денешната прес-конференција. Од вкупниот број на досега потврдени случаи, 25 се излекувани и пуштени дома, има пет смртни случаи, а 21 пациент е хоспитализиран.
